Синиша Каран, близок соработник на сепаратистичкиот лидер Милорад Додик, победи на вонредните избори за претседател на Република Српска по тесна трка со опозицискиот кандидат, објави изборната комисија.
„Според прелиминарните, неофицијални и нецелосни резултати, Синиша Каран освои 50,89% гласови“, кажа претседателот на изборната комисија Јован Калаба.
Тој додаде дека опозицискиот кандидат Бранко Блануша од Српската демократска партија добил 47,81% гласови. Излезноста беше 35,78%, дури 17% помала во споредба со парламентарните избори во 2022. Мандатот на Каран ќе трае помалку од една година, имајќи предвид дека редовните општи избори се закажани за следниот октомври.
Изборите беа распишани откако на Додик му беше одземен претседателскиот мандат, бидејќи со судска одлука доби шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.
Каран, кој досега беше министер за научен и технолошки развој, изјави дека ќе продолжи со политиките на Додик со уште поголема сила.


