Хрватските власти објавија дека ќе се урива зградата на „Вјесник“ во Загреб, која целосно изгоре во пожарот, што избувна на 17 ноември половина час пред полноќ. Ова го потврди потпретседателот на владата Бранко Бачиќ, велејќи дека поради статичките оштетувања на конструкцијата, едно од архитектонските обележја на Загреб не е сигурно.
„Заклучокот на Центарот за земјотресно инженерство е дека треба да се урне зградата поради опасноста од уривање и сигурноста на граѓаните. Сега треба да се изработи проект за уривање, а по процесот на јавна набавка, ќе се пристапи кон уривањето“, изјави Бачиќ.
За пожарот се уапсени две млади лица, кои вечерта биле во зградата и запалиле оган на претпоследниот, 15. кат, по што дошло до неговото брзо ширење. Пожарот бил изгаснат дури следниот ден, во што учествувале стотина пожарникари.
Отворена во 1972 година, зградата своевремено била дом на дваесетина новински редакции, вклучувајќи го „Вјесник“, еден од најголемите дневни весници во Југославија. Неговото постепено пропаѓање започна со процесот на приватизација по осамостојувањето на Хрватска, а престана да излегува во 2012 година.



