РОДНИНИ НА ФУНКЦИОНЕРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ИЗБРАНИ ЗА В. Д. ЧЛЕНОВИ НА ОДБОРИТЕ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО БИТОЛА, ОБВИНИ ОПОЗИЦИЈАТА, ОД ПАРТИЈАТА ВЕЛАТ ГИ ИСПОЛНУВААТ КРИТЕРИУМИТЕ

    РОДНИНИ НА ФУНКЦИОНЕРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ИЗБРАНИ ЗА  В. Д. ЧЛЕНОВИ НА ОДБОРИТЕ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО БИТОЛА, ОБВИНИ ОПОЗИЦИЈАТА, ОД ПАРТИЈАТА ВЕЛАТ ГИ ИСПОЛНУВААТ КРИТЕРИУМИТЕПретседателот на Советот, Бојан Бојкоски, рече дека целата постапка е спроведена законски (Фото: СДК.МК)

    Меѓу в. д. членовите на надзорни и управни одбори на јавните претпријатија во Битола кои денеска беа изгласани од Советот на Општината има лица со фамилијарни врски со поранешни и сегашни партиски финкционери на ВМРО-ДПМНЕ, обвини опозицијата. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која го има мнозинството, изјавија дека кандидатите ги исполнуваат законските критериуми. Тие беа предложени од градоначалникот, а ги изгласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата и ЗНАМ.

    Јасно е зошто материјалите не ги имаа дадено пред една недела како што е законскиот рок, туку вчера. Внатре има деца, внуци, сопрузи, братучеди, кумови, девери, баби, дедовци на сегашни и поранешни високи партиски функционери, дури и од времето на Двојче. На сите им е заедничка партиската книшка на ВМРО-ДПМНЕ. Имаме медицинско лице член на УО на Паркинзи. Списоците се полни со фамилијарно-роднински врски“, рече Иван Чулакоски, советник од независната граѓанска иницијатива Поинаку.

    Реагираше и поранешната претседателка на Советот од Поинаку, Габриела Илиевска, дека за в. д. член во УО на едно од претпријатијата е кандидатот за советник од ВМРО-ДПМНЕ кој за време на изборната кампања на социјалните мрежи напиша: „Го прогласувам нусето Габриела за умрено“.

    На сред кампањата ‘16 дена активизам против насилство врз жени’, истиот човек кој јавно ме прогласи за умрена денеска од градоначалникот доби награда – позиција во управен одбор на јавно претпријатие“, рече Илиевска.

    Од Општина Битола до објавата на текстот не добивме одговор на обвинувањата од Илиевска. Но, на официјалната интернет-страница објавија дека Советот донесе одлука за продолжување на соработката со Националната мрежа за жртви на семејно насилство и дека остануваат една од водечките општини за превенција, заштита и помош на ранливите категории.

    Советникот Драги Крстев од НСДП рече дека предлозите за в .д. членови се доставени спротивно на Законот за јавни претпријатија, кој содржи механизми што треба да спречат политичко назначување. Љубе Никлески, претседател на Комисијата за мандатни прашања и советник од ВМРО-ДПМНЕ, одговори дека обвинувањата се паушални, а кандидатите ги исполнуваат одредбите од Законот за јавни претпријатија, зашто имаат факултети, се македонски државјани и немаат забрана за вршење на професијата.

    Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека целата постапка е спроведена законски.

    Тие ќе бидат само времени решенија бидејќи на 1 декември истекува рокот на сите надзорни и управни одбори во јавните претпријатија во Битола, па мораа да се изберат в.д. членови за можат да работат. Во најбрз можен рок, се надевам следната недела, ќе биде објавен оглас за членови на одборите, со цел во една јавна и транспарентна постапка сите граѓани кои сметаат дека можат да членуваат, а ги исполнуваат условите, да се кандидираат“, рече Бојкоски.

    Тој додаде дека разрешени се само оние членови кои доставиле оставка до Општината.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира