Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која ја одлежа затворската казна за случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот блиндиран мерцедес, во интервју за МИА изјави дека судскиот процес против неа се водел на брутален начин и дека правата на обвинетите биле на пониско ниво дури и од оние во Нирнбершките процеси по Втората светска војна.
Јанкулоска смета дека постапката била поведена под притисок на „силна пропагандна машинерија“ и во услови на јавен линч.
„Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на процесните права“, додаде поранешната министерка.
Нирнбершките процеси се серија воени трибунали одржани по Втората светска војна, каде што им се судеше на истакнати лидери на нацистичка Германија за воени злосторства и злосторства против човештвото.



