„Прада“ објави дека ја купила „Версаче“, со што двете големи италијански модни куќи дојдоа под една капа. Зделката е вредна 1,38 милијарди долари, што е под цената од две милијарди долари колку што „Капри холдингс“ платил за „Версаче“ во 2018.
Оваа зделка го проширува дизајнерското портфолио на „Прада“, која се обидува да им парира на ривалите, како францускиот гигант „ЛВМХ“, во чија сопственост се „Диор“, „Фенди“ и „Луј Витон“. Ова следува откако Донатела Версаче во март се повлече од позицијата извршна шефица на „Версаче“ по цели 27 години.
Таа ја презеде компанијата во 1997 по убиството на нејзиниот брат Џани Версаче. Компанијата беше продадена со загуби од 700 милиони евра откако се намалиле продажбите. Под водство на „Капри холдингс“, „Версаче“ се префрли од своите препознатливи украсни дизајни на поминималистички тренд, истовремено зголемувајќи ги цените.
Андреа Гера, извршниот директор на „Прада“, претходно оваа година изјави дека „Версаче“ има огромен потенцијал.
„Патувањето ќе биде долго и ќе бара дисциплинирано извршување и трпение“, рече тој.



