„СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА МЕЃУ ПЕТТЕ НОМИНИРАНИ ЗА НАГРАДАТА НЕЗАВИСЕН ДУХ, ПРЕДВЕСНИКОТ НА ОСКАРИТЕ

    „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА МЕЃУ ПЕТТЕ НОМИНИРАНИ ЗА НАГРАДАТА НЕЗАВИСЕН ДУХ, ПРЕДВЕСНИКОТ НА ОСКАРИТЕ„Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за Најдобар странски филм за 2026, а на 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Њујорк. (Фото: Продукција Силјан)

    Документарецот „Силјан на Тамара Котевска е меѓу петте номинирани за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit), која е предвесник на Оскарите. „Силјан“ е номиниран за најдобар документарец заедно со „Дојди види ме во добро светло“ од Рајан Вајт, „Бескрајно колаче“ на Питер Кривер, „Мојот непосакуван пријател – Дел 1 – Последен пат во Москва“ на Џулија Локтев, „Перфектен сосед“ на Гита Гандбир. Најмногу номинации за оваа награда, вкупно пет, доби „Денот на Питер Хуџар“ на Ајра Сакс.

    41.доделување на наградите Независен дух ќе се одржи на 15 февруари во „Холивуд Паладиум“, по 40 години поминати во шатор на плажа во Санта Моника.Номинираните за наградите оваа година доаѓаат од 18 земји, а нивните буџети се движат од 35.000 до 20 милиони долари. Четириесет и еден процент од номинираните оваа година се жени, а 33 проценти се црнци, домородци или луѓе со различна боја на кожа. Оваа награда ја доделува Здружението на независните филмаџии на САД, номинациите ги селектира комитет од 50-на членови, а за наградите гласаат над 6.000 членови. Специфично е што се квалификуваат филмови кои се снимени за буџет не поголем од 30 милиони долари.

    Номинација за Независен дух имаше 2020 и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, кој има историски две номинации како прв филм што е номиниран и за најдобар документарец и за најдобар странски филм, но не ја освои наградата.

    „Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за Најдобар странски филм за 2026, a во септември „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци го откупи за прикажување. На 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Ај-Еф-Си (IFC) Центарот во Њујорк. Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени на 22 јануари 2026, а доделувањето е на 15 март.

    Единствениот македонски филм кој досега ја освоил наградата Независен дух е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, во 1995 за најдобар странски филм. „Пред дождот“ истата година беше и меѓу петте номинирани за Оскар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира