КРАБИ ГО ЗАМЕНИЈА ЕЗЕРСКИОТ РАК ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    КРАБИ ГО ЗАМЕНИЈА ЕЗЕРСКИОТ РАК ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    Во Охридското Езеро последниве години во голем број се појавија краби, животни од класата ракови со десет нозе. Нив пред неколку децении речиси и да ги немаше. Сега рибари ги ловат кај градското пристаниште, а можат да се забележат и на копното.

    Биолозите имаат појаснување како крабата се појави во езерските води.

    „Можеби како резултат на намалената популација на езерскиот рак, кој во осумдесетите години речиси исчезна од Езерото, има зголемување на популацијата краби па овој вид кој бил со мал ареал на распространување го завзел ареалот на живеење на езерскиот рак. Генерално, крабата живее во потоци, реки и езера каде се засолнува под камења или меѓу вегетација, или пак се одмора во јами вкопани во тлото, јамите се до 50 см длабоки и во нив има вода само на дното. Најактивни се во периодот помеѓу мај и октомври, по што (на пример, од ноември до февруари) се помалку активни и хибернираат или во природни засолништа или во јами”, вели охридски биолог проф. д-р Трајче Талевски.

    Слатководната краба (Potamon fluviatile) е широко распространет и освен што се среќава во Охридското Езеро, се среќава и во слатките води на Италија (особено западна Италија), на Малтешките Острови, на Балканскиот Полуостров (Хрватска, Црна Гора, Македонија, Албанија) и Грција (западниот дел на копното на Грција, јонските острови и западноегејските острови).

    Билозите детално го проучуваат животот на крабата.

    Сега рибари ги ловат крабите кај градското пристаниште, а можат да се забележат и на копното. Сепак, и нивниот опстанок е загрозен од бетонирањето на крајбрежјето, екстракција на песок и загадувањето на водите (Фото: СДК.МК)

    Сега рибари ги ловат крабите кај градското пристаниште, а можат да се забележат и на копното. Сепак, и нивниот опстанок е загрозен од бетонирањето на крајбрежјето, екстракција на песок и загадувањето на водите (Фото: СДК.МК)

    „Честото среќавање на оваа краба на брегот на Езерото или на суво е пред сѐ поради начинот на живеење, бидејќи возрасните единки поминуваат доста време надвор од водата, или во текот на ноќта или пак во текот на денот кога врне. Досега на овој вид од Охридското Езеро, како и на некои други животински и растителни видови, не им е посветено доволно внимание во истражувањата, па затоа често луѓето се изненадени од нивното присуство. Се хранат во текот на ноќта или во вода или на копно, и имаат широк спектар на прехранбени продукти во исхраната, мртви или живи растителни или животински организми (полноглавци, инсекти, мали жаби и риби). Женките се парат во доцна пролет, а подмладокот излегува од оплодените јајца во лето. Младите ракови, за разлика од возрасните единки, подолг период поминуваат во вода. Сепак, мора да нагласиме дека и покрај широката дистрибуција на овој вид и релативно големиот број на локалитети каде е евидентиран, неговата дистрибуција е дисконтинуирана и силно фрагментирана“, вели д-р Талевски.

    Бетонирањето на речните корита, нивното преградување, исушувањето на мочуриштата и други фактори се закана за опстанокот на некои изолирани популации.

    „Поради ваквата дистрибуција, нивото на закана за негов опстанок како вид е висока, така што постои причина за загриженост за иднината на некои од неговите изолирани популации. Брзите антропогени промени кои влијаат на неговото живеалиште, може да бидат непосредна и долгорочна закана за негов опстанок. Како ризични активности за неговиот опстанок се пренасочување на водите, бетонирањето на речните корита или изградбата на канали, исушувањето на мочуриштата, оштетување на живеалиштата, преградувањето на речните корита за изградба на хидроцентрали, со што се спречува неговото движење, екстракција на песок од реките и езерата, загадувањето на почвата и површинските и подземните води, претераниот излов како и воведувањето на алохтони видови рак во јужниот дел на Европските води. Според меѓународните стандарди, овој вид се оценува како скоро загрозен, со тенденција доколку се продолжи со високиот притисок врз неговата популација да се квалификува и како ранлив вид”, вели д-р Трајче Талевски..

    Согласно законот за рибарство и аквакултура, според член 7, ракот е вброен во групата на риби каде се вели дека „Риби, во смисла на овој закон, се риби, ракови, школки, жаби и други водни животни кои ги населуваат и живеат во риболовните води и се одгледуваат во рибници, полурибници, кафези, оризишта и во други одгледувалишта на риби (во натамошниот текст: риби)“. Според други закони во Македонија, ракот односно раковите се забранети за лов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира