Крис Рија, британскиот кантавтор со препознатлив зарипнат глас, почина на 74 години. Семејството на авторот на хитовите „Driving Home for Christmas“, „On the Beach“ и „Josephine“ објави дека тој починал во болница по кратко боледување.
Рија мешаше блуз, поп, соул и софт рок на своите 25 албуми, кои се продадоа во повеќе од 30 милиони примероци.
Роден во 1951 во Мидлзбро, Рија му се придружил на својот прв бенд „Магдалена“ на 22 години, во кој претходно пеел и Дејвид Кавердејл. По краткото членување во групата „Бјутифул лузерс“, започнал соло кариера откако му бил понуден договор со издавачка куќа, по што го објавил деби синглот во 1974.
Сепак, првиот поголем успех го доживеал во САД, каде што со песната „Fool (If You Think It’s Over)“ избил на 12. место на топ-листата во 1978 и добил номинација за Греми за најдобар нов изведувач.
Потоа неколку години се мачел да го повтори тој успех, а комерцијално најуспешниот период уследи во втората половина на 1980-тите, кога конечно се проби и во Велика Британија. „Dancing With Strangers“ од 1987 беше првиот од шесте албуми по ред кои влегоа во првите десет на британската топ-листа, од кои два завршија на врвот.
Неговиот најголем хит е празничната песна „Driving Home for Christmas“, која оригинално ја сними во 1986, но вистински успех доживеа две години подоцна и низ годините постојано се враќаше на топ-листите.
Музичките успеси на Рија пресушија од 2000-тите, кога го замени попот со блузот, стилот што му бил главна инспирација во почетокот.
Рија се мачеше со здравствени проблеми низ животот, па откако се лекувал од рак на панкреас, добил дијабетес, а во 2016 преживеал и мозочен удар.



