ПОЧИНА ПРОФЕСОРОТ И ВРВЕН ФИЛОЗОФ КИРИЛ ТЕМКОВ

    ПОЧИНА ПРОФЕСОРОТ И ВРВЕН ФИЛОЗОФ КИРИЛ ТЕМКОВТемков бешев врвен филозоф и етичар со светско реноме,поборник за воведување на предметот Етика во училиштата, а според неговите учебници се изведува наставата по Етика во основните и во средните училишта. (Фото: Фејсбук)

    Денеска во Скопје почина професорот по филозофија, етика и естетика Кирил Темков, потврди семејството за САКАМДАКАЖАМ.МК. Имаше 82 години. Погребот ќе биде утре од 10.30 на Градските гробишта во Бутел.

    Темков бешев врвен филозоф и етичар со светско реноме, беше автор на голем број книги, учебници и научни дела од областа на филозофијата, етиката, менаџерството, уметноста, естетиката, џез музиката. Беше поборник за воведување на предметот Етика во училиштата. Според неговите учебници се изведува наставата по Етика во основните и во средните училишта кај нас.

    На македонски јазик ги има преведено делата на најзначајните светски филозофи и етичари и со својата креативна и образовна активност има предавано на голем број светски универзитети.

    Роден е во Кавадарци во 1943 година, во занаетчиско семејство, учел во Белград и во Скопје, дипломирал (1968) и докторирал филозофија (1982) на Универзитетот „Свети Кирил и Метоиј“ во Скопје.  Беше асистент, предавач, вонреден и редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на менаџерството, Филозофија на политиката, Еколошка етика, Биоетика, Менаџерска етика, Педагошка етика и Филозофија на образованието при Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Заедно со својот колега Георги Старделов беше основач на Естетичката лабораторија при Филозофскиот факултет.

    За својот придонес беше добитник на повеќе признанија, меѓу кои Наградата на Град Кавадарци, орденот „Академски палми“ на Република Франција и Меѓународната награда „Гоцева мисла“.

    Автор е на бројни статии од областа на Филозофијата, Етиката, Естетиката (особено за уметничката фотографија, ликовната и драмската уметност, џезот) и Културологијата, како и на повеќе книги: „Основите на еден нов Универзитет“ (1975), „Панорама на естетичките идеи од втората половина на 20-тиот век“ (1981), „Отворен Универзитет“(1993).

    Ги има преведено книгите: „Прагматизам“ од Вилијам Џејмс, „Критика на практичниот ум“ од Имануел Кант, „Научна расправа за методот“ од Рене Декарт, „За слободата“ од Џон Стјуарт Мил, како и книгите на Павао Вук-Павловиќ, Душан Недељковиќ, Лука Прошиќ, Миленко Пејовиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира