КИНА ЗАПОЧНА ГОЛЕМИ ВОЕНИ ВЕЖБИ ОКОЛУ ТАЈВАН ЗА ДА ГИ КАЗНИ СЕПАРАТИСТИЧКИТЕ СИЛИ

    КИНА ЗАПОЧНА ГОЛЕМИ ВОЕНИ ВЕЖБИ ОКОЛУ ТАЈВАН ЗА ДА ГИ КАЗНИ СЕПАРАТИСТИЧКИТЕ СИЛИВо вежбите се користи и боева муниција (Фото: Кинеска војска)

    Кина започна воени вежби околу Тајван, симулирајќи заземање и блокада на клучни области на островот, за што вели дека е предупредување за „сепаратистичките сили“. Во вежбите се вклучени војската, морнарицата, воздушните сили и ракетните сили и се користи боева муниција, објави кинеската армија.

    Тие се одржуваат неколку дена откако САД објавија продажба на оружје за Тајван вредно 11 милијарди долари, по што Кина воведе санкции за американски одбранбени компании.

    Кабинетот на тајванскиот претседател ги критикуваше вежбите, велејќи дека со нив се предизвикуваат меѓународните норми. Тајванското министерство за одбрана соопшти дека забележале кинески авиони и бродови околу островот и дека распоредиле сопствени сили за да ја следат ситуацијата.

    „Нашите сили се во состојба на висока готовност да го бранат Тајван и да ги заштитат нашите луѓе“, соопшти министерството.

    Источната команда на кинеската војска ги опиша воените вежби како „штит на правдата“.

    „Сите оние кои заговараат независност ќе бидат уништени кога ќе се сретнат со штитот“, стоеше во објавата.

    Иако некои вежби веќе почнаа, главниот дел ќе биде спроведен утре. Кинеското министерство за одбрана кажа дека вежбите се „сериозна казна за сепаратистичките сили кои бараат независност преку сила“ и ги предупреди „надворешните сили“ да не го користат Тајван против Кина.

    „Сите злокобни планови за спречување на повторното обединување на Кина се осудени на пропаст. Иако Кина долго време повикува на мирно обединување со Тајван, таа исто така има закон во кој се наведува дека ќе се применат воени средства за да се спречи отцепувањето на островот“, ​​изјави портпаролот на министерството за одбрана Лин Џијан.

    Пекинг го обвини претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, дека се стреми кон независност. Лаи тврди дека Тајван е веќе суверена нација и затоа нема потреба формално да прогласи независност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира