Министерот за одбрана Владимир Падрино Лопес изјави дека војската ѝ даде поддршка на потпретседателката Делси Родригес да биде привремена претседателка на Венецуела. Таа беше поставена на функцијата од Врховниот суд по американската воена акција во која беа заробени претседателот Николас Мадуро и првата дама Силија Флорес.
„Војската го отфрла кукавичкото киднапирање на Мадуро и неговата сопруга по ладнокрвното убиство на голем дел од неговиот безбедносен тим, војници и невини цивили“, кажа Падрино во ТВ-обраќањето.
Тој го повика народот на Венецуела да им се врати на своите нормални активности.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо изјави дека владата останува обединета зад Мадуро, кој е во притвор во Њујорк и утре првпат треба да се појави во суд.
„Единството на револуционерните сили е повеќе од загарантирано, а тука има само еден претседател, чие име е Николас Мадуро Морос. Никој не треба да падне на провокациите на непријателот“, изјави Кабељо.
Венецуела сѐ уште официјално не го објавила бројот на жртви во вчерашниот американски напад. Повикувајќи се на неименуван венецуелски функционер, „Њујорк тајмс“ објави дека загинале најмалку 40 луѓе, вклучувајќи цивили и припадници на вооружените сили.



