„ПРИКАЗНАТА ЗА СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ДОБИ „ФИЛМСКО ОКО“ ОД ПУБЛИКАТА, РЕНОМИРАНА НАГРАДА ЗА ДОКУМЕНТАРЦИ

    „ПРИКАЗНАТА ЗА СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ДОБИ „ФИЛМСКО ОКО“ ОД ПУБЛИКАТА, РЕНОМИРАНА НАГРАДА ЗА ДОКУМЕНТАРЦИРежисерката Котевска на македонската премиера на „Приказната за Силјан“ на 4 јануари во МНТ. (Фото: К. Попов)

    Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска ја доби Наградата на публиката (Audience Choice Prize) на Филмско око (Cinema Eye Honors), една од најреномираните светски признанија за документарци. Наградата се доделува врз основа на гласовите на публиката, а „Приказната за Силјан“  ја освои во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд.

    „Ова е можеби најважната награда што ја освои ‘Силјан’, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави  Котевска.

    По свечената премиера во Скопје на 4 јануари во МНТ, филмот од 15 јануари ќе игра во скопското кино Синеплекс и низ Македонија, а од вчера игра на стриминг платформите на „Нешнл џиографик“ и „Дизни плус“ и „Хулу“.

    „Приказната за Силјан“ не влезе во потесниот избор за номинација за Оскарите, ниту во категоријата за Најдобар странски филм, каде беше македонски кандидат, ниту за Најдобар документарец. Во септември „Нешнл џиографик документари филмс“еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Њујорк.

    „Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на ланскииот Венециски фестивал, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Пред две недели освои две награди на Меѓународната Асоцијација за документарни филмови – ИДА за најдобар документарен филм и најдобра камера, а доби и номинација за најдобар филм за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit), која е предвесник на Оскарите. Доби и номинација за награда на Здружението на продуценти на Америка (Producers Guild of America -PGA). Котевска и кинематограферот Жан Дакар, кои се продуценти на филмот, се номинирани во категоријата Најдобар продуцент на документарен филм.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира