Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 18-годишник за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и неукажување помош, по сообраќајната несреќа со смртни последици што се случи на 9 јануари во населбата Капиштец. Покрај него, за помагање се осомничени уште две лица кои му овозможиле да ја напушти Македонија веднаш по настанот.
Според истрагата, осомничениот управувал автомобил „Фолксваген пасат“ по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот Љуба Јаковлеска. Наместо да застане и да ѝ помогне на повредената жена, возачот веднаш избегал од местото. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар, каде подоцна им подлегнала на тешките телесни повреди.
Обвинителството открива дека во бегството му помогнале маж и жена, кои со свој автомобил го пренеле преку граничниот премин Табановце. Тие биле уапсени откако се вратиле во земјава, а јавниот обвинител до судија на претходна постапка веќе достави предлог за нивно притворање.
„За осомничениот возач кој е во бегство, исто така е побарана мерка притвор која ќе започне да се спроведува по неговото лишување од слобода. Врз основа на собраните докази, по него ќе биде распишана меѓународна потерница“, велат од Обвинителството.



