САД СО МЕСЕЦИ ПРЕД УПАДОТ ВО ВЕНЕЦУЕЛА КОМУНИЦИРАЛЕ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ КАБЕЉО, ОБЈАВИ „РОЈТЕРС“

    САД СО МЕСЕЦИ ПРЕД УПАДОТ ВО ВЕНЕЦУЕЛА КОМУНИЦИРАЛЕ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ КАБЕЉО, ОБЈАВИ „РОЈТЕРС“Кабељо долго време се сметаше за втората најмоќна личност во Венецуела (Фото: АФП)

    Функционери од Белата куќа разговарале со тврдокорниот министер за внатрешни работи на Венецуела, Диосдадо Кабељо, со месеци пред американскиот упад во земјата, кога беше заробен претседателот Николас Мадуро и во меѓувреме ја продолжиле комуникацијата, изјавија четири добро упатени извори за „Ројтерс“.

    Тие го предупредиле 62-годишниот Кабељо да не ги користи безбедносните сили и милитантните поддржувачи на власта за напади врз опозицијата. Безбедносниот апарат на земјата остана главно недопрен по американската воена акција на 3 јануари.

    Министерот за одбрана Владимир Падрино Лопес кажа дека во акцијата загинале 83 луѓе, од кои 47 венецуелски војници и 32 Кубанци, кои биле дел од обезбедувањето на Мадуро. Бројот на цивилните жртви засега не е официјално потврден.

    Како и Мадуро, и Кабељо е обвинет за трговија со дрога и за него е понудена награда од 25 милиони долари, но тој не беше заробен во воената акција.

    Според изворите, комуникацијата со Кабељо почнала во раните денови на сегашната влада на Трамп и продолжила во неделите пред фаќањето на Мадуро, како и по овие настани.

    Комуникациите се од клучно значење за напорите на владата на Трамп да ја контролира ситуацијата во Венецуела. Доколку Кабељо одлучи да ги ослободи силите што ги контролира, тоа би можело да предизвика хаос, што Трамп сака да го избегне и да ја загрози привремената претседателка Делси Родригес“, кажа еден извор.

    Не е јасно дали Кабељо ги послушал предупредувањата од САД, но тој јавно ѝ даде поддршка на Родригес.

    Кабељо долго време се сметаше за втората најмоќна личност во Венецуела. Беше близок соработник на поранешниот претседател Уго Чавес и потоа му беше лојален на Мадуро и се сметаше за негов главен спроведувач на репресијата. Родригес и Кабељо со години работеа во срцето на владата и владејачката Социјалистичка партија, но никогаш не се сметаа за блиски сојузници.

    Кабељо има влијание врз воените и цивилните контраразузнавачки агенции во земјата и е тесно поврзан со провладини милиции, групи вооружени цивили кои возат мотоцикли и се распоредуваат за да напаѓаат демонстранти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира