Седуммина навивачи на грчкиот фудбалски клуб ПАОК загинаа во сообраќајна несреќа во Романија додека патувале на натпревар во Франција, потврди грчката амбасада во Букурешт.
Комбето со десет луѓе тргнало од Грција, а крајната дестинација бил Лион, каде што солунскиот клуб ќе игра меч од Лига Европа в четврток. Тројцата повредени се во свесна состојба и се превезени во Универзитетската болница во Темишвар, околу 100 километри западно од местото на несреќата.
Грчката новинска агенција АМНА објави дека повеќето од загинатите се млади луѓе во 20-ти години.
Според локалните медиуми, несреќата се случила кога комбето со навивачите претекнувало друго возило, при што директно се судрило со камион.



