Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, упати писмо до сите 193 земји членки во кое предупредува дека светската организација се соочува со непосреден финансиски колапс. Според неговите зборови, финансиската криза се продлабочува и ја загрозува реализацијата на програмите, а постои реална опасност парите целосно да ги снема до јули годинава. Гутереш ги повика државите да ги подмират своите задолжителни плаќања или да се изврши итна ревизија на финансиските правила за да се спречи пропадот.
Оваа состојба следува по одлуката на Соединетите Американски Држави, како најголем придонесувач, да престанат со плаќањето во редовниот буџет и буџетот за мировни операции, повлекувајќи се од неколку агенции со образложение дека се работи за залудно трошење на даночните обврзници. Покрај САД, и други земји членки доцнат со своите обврски или одбиваат да ги исплатат. Иако Генералното собрание на крајот на 2025 година одобри делумни промени во финансискиот систем, организацијата и понатаму се бори со недостиг на готовина, дополнително оптоварена со правилото за враќање на средства кои реално никогаш не биле примени.
Кризата е веќе видлива во седиштето на ОН во Женева, каде се поставени знаци за предупредување, а како мерки за штедење редовно се исклучуваат ескалаторите и се намалува греењето. Гутереш во писмото посочи дека, иако ОН и претходно имале финансиски проблеми, актуелната ситуација е суштински поразлична. Тој кажа дека одлуките за неисполнување на придонесите за редовниот буџет сега се и официјално објавени, без притоа да именува конкретни земји.
Интегритетот на целиот систем зависи од почитувањето на обврската од Повелбата на ОН за плаќање на придонесите. Во 2025 година биле исплатени само 77% од вкупниот долг, што остави рекорден износ на неплатени средства. Генералниот секретар укажа и на парадоксот каде ОН мора да им ги вратат неискористените средства на членките ако не успеат да го реализираат предвидениот буџет, што создава двоен удар затоа што од организацијата се очекува да врати пари кои воопшто ги нема во касата. Тој вели дека итноста на ситуацијата е исклучително висока бидејќи не е можно да се извршуваат буџети со несобрани средства.



