Осомничениот началник во УБК Горан Грујевски може непречено да влијае на сведоците затоа што Кривичниот совет само му забранил да го напушта домот каде што се спроведува мерката куќен притвор, но не му ја ограничил комуникацијата, велат од Специјалното јавно обвинителство.
Од таму објаснуваат дека изречената мерка на Кривичниот совет на Основниот суд нема да ги постигне целите, затоа што осомничениот без проблем ќе може да влијае на сведоци. Бидејќи не му е ограничена комуникацијата, тој може дома да прима гости, неограничено да зборува и на фиксен и на домашен телефон, да користи интернет…
Ако се имаат предвид „личните, семејните и материјалните прилики на осомничениот“ на кои се повикува Советот во своето решение за куќен притвор,во СЈО коментираат дека токму материјалните прилики на началникот во УБК му овозможуваат ако сака да си купи и неколку мобилни телефони со софистицирана техника, па дури и сателитски телефон кој потешко се следи и со нив може да одржува врска со евентуални сведоци и да влијае на нив. Токму затоа СЈО тврди дека тоа што началникот веќе не е на работно место, не е доволна гаранција дека нема да врши притисоци врз неговите соработници и да се договара со нив, дури и со тие што се осомничени во истиот предмет.
За Горан Грујевски , СЈО побара мерка притвор токму за да осигура тој да не може да влијае на сведоци. Судија на претходна постапка му изрече мерка притвор, но Кривичниот совет ја ублажи мерката со куќен притвор.
Во случајот „Тврдина“ се осомничени шестмина службеници на МВР, вклучително и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека минатата година во март нелегално уништиле средства за прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање и фалсификувале документи со кои ќе го оправдаат тоа уништување.
Тогашната министерката за внатрешни работи, посочена како третоосомничена во овој предмет на Специјалното обвинителство утре треба да се појави на распит кај судија на претходна постапка.