Претставата на македонскиот режисер Александар Поповски, „Амадеус“, во продукција на Словенско народно гледалишче (СНГ) од Марибор ќе гостува во Македонскиот народен театар на 1 април.
МНТ лани прослави 80 години од првата претстава изведена на 3 април 1945 и оттаму велат дека годинава продолжуваaт со одбележувањето на јубилејот.
„Годинава прославата се надоврзува на таа традиција со ново проширување – рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот“, велат од МНТ.
Поповски е еден од најрелевантните македонски режисери со долгогодишна меѓународна кариера, со над 70 театарски претстави низ Европа, вклучувајќи Словенија, Италија, Грција, Австрија, Турција, Шведска, Данска, Англија и Германија. Од сезоната 2018/2019 тој е уметнички директор на Драмата во Марибор. Премиерата на „Амадеус“ беше во 2024.
СНГ Марибор доаѓа во Скопје со две претстави. Освен „Амадеус“, на 3 април ќе се изведе монодрамата „Безгрешна “, инспирирана од романот „Маријиниот завет“, омаж на истакнатиот словенечки режисер Томаж Пандур. Тој почина во Скопје во 2016 на 53 години за време на проба на претстава.
Роденденската програма на МНТ почнува на 30 март со стендап шоуто „Шоубиз“ во изведба на српскиот актер Никола Ѓуричко, а ќе заврши на 4 април, кога ќе биде изведена претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.
Билетите се пуштени во продажба.



