Поради обилните врнежи од дожд изминатите денови, се одрона дел од ѕидот кај археолошкиот локалитет Манчевци во стариот дел на Охрид. Од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид велат дека се преземаат итни мерки за стабилизација на теренот и изградба на потпорен ѕид, за да се спречат нови одрони и да се заштити просторот околу локалитетот.
Директорот Горан Патчев вели дека при одронот нема штета на локалитетот, бидејќи претходно мозаиците биле покриени.
„Под влијание на обемни дождови, во периодот помеѓу Нова Година и Божиќ дојде до обрушување на ѕидот од камен од северната страна. Нема штета на локалитетот бидејќи претходно мозаиците беа покриени“, вели Патчев.
Тој најави дека годинава ќе се продолжи со археолошки доистражувања на овај значаен локалитет.
Завод и Музеј-Охрид минатата година достави барање за определување заштитно-конзерваторски услови за изведба на потпорен ѕид за потпирање на пешачка улица од западната страна и изведба на потпорен ѕид од северна страна на КП 15927 и КП 16953 КО Охрид 3.
„Стручните служби при НУ Завод и Музеј-Охрид изработија Нацрт-мислење за издавање на Решение за заштитно конзерваторски услови од 30.10.2025 година и го доставија до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион која согласно законските процедури неопходно беше да издаде позитивно мислење заради продолжување на постапката. Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион на првата седница која што ја одржа после поднесувањето на Нацрт мислењето има издадено позитивно мислење, меѓутоа и покрај нашите постојани интервенции официјалното мислење сѐ уште не е доставено до НУ Завод и Музеј-Охрид“, вели директорот Патчев.
После издавањето на Решението за издавање на заштитно-конзерваторски услови и издавањето на Конзерваторското одобрение од Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) Скопје, проектот со цела пропратна документација ќе биде доставен до Секторот за урбанизам при Општина Охрид заради издавање Решение за изведба на потпорен ѕид врз основа на кое ќе отпочнат градежните работи за негова реализација.
С. ВРЕНЦОВСКА



