Писателката Арундати Рој се повлече Берлинале откако претседалот на жирито, германскиот режисер Вим Вендерс, изјави дека филмаџиите мора да се држат подалеку од политиката. Фестивалот вчера започна со потрес, откако жирито за Злтната мечка одговараше на прашања за конфликтот во Газа. На прашањето дали филмовите можат да влијаат врз политички промени, Вендерс рече дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
Тој додаде дека филмаџиите „мора да останат надвор од политиката, бидејќи ако правиме филмови кои се посветено политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мора да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите“.
Во денешната изјава со која го објави своето повлекување, Рој, која планирала да присуствува на проекција на нејзинин неодамна реставриран филм од 1989, ги нарече коментарите „несовесни“ и изрази страв дека тие стигнале до „милиони луѓе низ светот“. Индијската писателка, добитничка на Букеровата награда, изјави:
„Да ги слушнам како велат дека уметноста не треба да биде политичка е шокантно. Тоа е начин да се замолчи разговорот за злосторство против човештвото додека тоа се одвива пред нашите очи во реално време – кога уметниците, писателите и филмаџиите треба да прават сè што е во нивна моќ за да го запрат“. Таа додаде: „Иако сум длабоко вознемирена од ставовите што ги зазедоа германската влада и разни германски културни институции во однос на Палестина, секогаш сум добивала политичка солидарност кога сум зборувала со германската публика за моите ставови за геноцидот во Газа“.
Вендерс е актуелен претседател на жирито на годинашното Берлинале, во кое членуваат американскиот режисер и продуцент Реиналдо Маркус Грин, јапонската режисерка Хикари, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам, јужнокорејската актерка Бае Дона, индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур и Ева Пушчињска – продуцентка на оскаровскиот филм „Зона на интерес“ кој го прикажува идиличниот семеен живот на командант на Аушвиц и неговото семејство.
Жирито беше прашано за поддршката што германската влада, која финансира голем дел од фестивалот, ѝ ја дава на Израел. Пушчињска го нарече прашањето „комплицирано“ и „малку неправедно“.
„Секако, се обидуваме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – за да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за нивната одлука дали ќе го поддржат Израел или Палестина,“ рече таа. „Постојат многу други војни каде што се врши геноцид и за кои не зборуваме.“
Рој нагласи дека верува оти „она што се случи во Газа, и што продолжува да се случува, е геноцид врз палестинскиот народ од државата Израел“. Таа додаде: „Тоа е поддржано и финансирано од владите на САД и Германија, како и од неколку други земји во Европа, што ги прави соучесници во злосторството. Ако најголемите филмаџии и уметници на нашето време не можат да станат и да го кажат тоа, треба да знаат дека историјата ќе им суди. Шокирана сум и згрозена.“



