Швајцарија соопшти дека семејствата погодени од пожарот во скијачкиот центар Кран-Монтана во новогодишната ноќ ќе добијат по 50.000 швајцарски франци (55.000 евра). Во пожарот во тамошен бар предизвикан од прскалки загинаа 41 лице, а 116 беа повредени.
Придонесот за солидарност има за цел да обезбеди брза финансиска поддршка за жртвите и да послужи како гест на сочувство, соопшти швајцарскиот Федерален совет.
„Исплатата ќе се однесува на секое лице кое го загубило животот и на секое лице кое било хоспитализирано“, појасни Федералниот совет.
Повеќето од загинатите биле тинејџери, а многумина од жртвите биле странци, вклучувајќи неколкумина од Франција и Италија.
Федералниот совет соопшти дека ќе свика тркалезна маса за да им помогне на жртвите, осигурителите и властите да постигнат вонсудски спогодби, со што потенцијално ќе се избегнат долги правни битки. Советот планира да придонесе со сума до 22 милиони евра за вакви спогодби.



