ГЛИГОРОВ ОДБИЛ 100 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД ГРЦИЈА ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО, СПОРЕД АМЕРИКАНСКИ РАЗУЗНАВАЧИ ОД 1990-ТИТЕ ГОДИНИ

    ГЛИГОРОВ ОДБИЛ 100 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД ГРЦИЈА ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО, СПОРЕД АМЕРИКАНСКИ РАЗУЗНАВАЧИ ОД 1990-ТИТЕ ГОДИНИОд инаугурацијата на првиот претседател Киро Глигоров на 27 јануари 1991 година. (архивска фотографија)

    Претседателот Киро Глигоров во почетокот на 1990-тите години одбил приватна понуда од грчки официјални претставници во износ од 100 милиони долари помош во замена за промена на името на државата, стои во аналитичките документи на американските разузнавачки служби од 1992 година, декласифицирани и објавени минатиот месец. И покрај тешката економска состојба во која се наоѓала земјата, Глигоров ги оценил грчките барања како ирационални и изјавил дека тие никогаш нема да бидат прифатени, додавајќи дека Македонија понудила доволно докази дека нема територијални претензии кон соседите.

    Во документите Глигоров е опишан како „мудар стар лисец“ и почитуван државник кој вешто менаџира со стратешките одлуки и деталите. Како предводник на кампањата за меѓународно признавање, тој изразил големо разочарување од одлуката на Европската заедница да ги поддржи приговорите на Грција за името.

    На внатрешен план, анализите го портретираат Глигоров како клучен фактор за стабилноста на кревката владина коалиција предводена од тогашниот премиер Бранко Црвенковски. Се наведува дека Претседателот се обидувал да ги балансира етничките тензии преку нагласување на правата на поединецот во Уставот, наместо колективните права на националностите. Иако умерените албански лидери изразувале доверба во него, во документите се забележани нивните поплаки за наводна нечувствителност на владата кон нивните барања, како и радикалните идеи за отцепување на делови од територијата.

    Глигоров, според овие извори, имал изразена недоверба кон српскиот претседател Слободан Милошевиќ и хрватскиот претседател Фрањо Туѓман, сметајќи ги за одговорни за југословенската криза. Тој ги одбил обидите на Милошевиќ за асоцијација во нова државна заедница под српска доминација, но покажал интерес за планот на Милан Паниќ за балканска економска унија во која би биле вклучени и Грција и Турција.

    Во анализата се вели дека во својата богата кариера, Глигоров служел на високи сојузни функции во СФРЈ, вклучително и како претседател на Сојузното собрание и сојузен секретар за финансии. По неговото повлекување од политиката во 1978 година, што многумина го поврзуваат со антагонизам кон Тито, тој се вратил на сцената по смртта на Јосип Броз како економски советник на Анте Марковиќ и автор на програмата за економски реформи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира