Сосема спротивна приказна кажа во сведочењето обвинетиот Стојанче Јовановски, од сведоците и од обвинителството кое го товари за наведување на самоубиство на Ивана Стојаноска, за тешко семејно насилство и нанесување повреди на Ивана, за загрозување на сигурноста нејзина и на покојното 6-годишно дете Катја и за наведување на самоубиство на Ивана на 2 март 2026 година.
Според исказот што го даде денеска Стојанче, како тој да бил жртва на манипулација и го обвинуваше сведокот Мартин Саздов за уништување на бракот со Ивана, дека му подметнал дрога во гепекот и оти поради него е кривично гонет за тоа дело.
На секое споменување на детето, Стојанче плачеше гласно во судницата.
На прашање на адвокатот какви им биле односите со Ивана на почетокот на бракот, Стојанче кажа дека им биле нормални. Живееле под кирија. Спротивно на сведочењето на мајката на Ивана, Љубица Стојаноска, дека ќерка ѝ сама си го купила станот, Стојанче рече дека мајка му Цветанка им дала пари за учество во 2021 година да купат стан.
Почнале несогласувања меѓу нив. Ја обвинуваше за неверство, никаде не спомнуваше дека ја тепал.
„Ивана ме молеше да не се разведуваме поради детето, ја послушав”, се расплака тука обвинетиот.
Во 2025 година прочитал комуникација меѓу неа и Мартин Саздов. Во почетокот биле пријателски, но постепено преминувале во приватни.
„Ги соочив да ми објаснат за што се работи, тие ми негираа и ми велеа дека сум параноичен. На 16 август 2025 година бевме на свадба кај братучетка ми во Штип. На враќање видов дека се допишува со Мартин. Застанав да видам што пишува. Му пиша: ‘Еве се враќаме од Штип со овој. Катја спие’. Тој ѝ пиша дека и он се враќа откај другар од Штип. Ја прашав: сакаш со него да се враќаш? Ја отвори задната врата, ја зема Катја, искочи од кола. Беше многу пијана. Го зема детето и почна да оди во спротивна насока на автопатот. Ја молев да го врати барем детето, одби, рече ќе си оди со друг. Не сакаше да се качи во кола. Ми рече ќе те пријавам во полиција”, кажуваше поинаква верзија тој.
Не спомна дека ја претепал оти ја згрешила апликацијата, односно патот од Штип до Скопје, со удирање на нејзината глава на пластиката кај менувачот меѓу двете предни возила.
Тврди дека се качил во кола, стигнал до првата патарина, се вратил назад и цело време ѝ ѕвонел на телефон за да ги земе со детето од автопатот после полноќ. Таа не му кревала. До утредента не знаел каде да ги бара.
Потоа Ивана му кажала дека ќе живее кај мајка ѝ и тетка ѝ, бидејќи Стојанче имал голема недоверба во неа, а таа за ништо не го лажела.
Потоа кажа дека ги следел Мартин, Ивана и Катја како се шетаат на Кеј.
„Сакав физички да се пресметам со Мартин. Ми рече не тука, на друго место”, вели Стојанче.
Подоцна се сретнале, Мартин му извадил автоматско оружје.
„Го фатив за цевката, му реков пукај. Еве погледнете уште имам белег”, покажа под маицата обвинетиот Стојанче.
Потоа и со кола му ја удрил колата на Мартин кој бегал од полиција.
Ја обзнаниле врската и Ивана поднела барање за развод.
„Јас отидов, потпишав. Потоа Ивана почна да ми пишува дека се кае, сака со мене да продолжи да живее“, кажа Стојанче.
Обвинетиот зборуваше како Мартин му наместил дрога во гепекот на автомобилот.
Стојанче тврди дека Ивана му се жалела каков психопат бил Мартин Саздов, клучен сведок за теророт на Стојанче врз Ивана, за кој има и снимки, и медицинска документација.
За дента пред да се самоуби Ивана, скокајќи заедно со Катја од балконот на зградата во Карпош кај што живеја, Стојанче рече дека на пат кон Кривичниот суд за да се пријави дека е присутен, Мартин ја удрил Ивана и таа се онесвестила, а не ја тепал брутално тој, како што сведочеше Мартин.
За снимките од катната гаража од кои се гледа како ја удира Ивана и главата ѝ лета надесно, Стојанче рече дека од видеоклипови што ги видел, мавнал кон неа, ама не е сигурен дали ја удрил.
Додаде дека заедно Ивана, Мартин и тој, им кажале на полицајците дека сами ќе си го решат проблемот, а кога повторно го викнала со пријава за насилство, наводно агресивниот Мартин ѝ свикал на Ивана кого сакаш сега да пријавиш, а таа молчела.
На пат кон домот во Карпош, нецел час пред Ивана да си го одземе животот, ја зеле Катја од училиште.
Од крвни непријатели, според верзијата на Стојанче, тој и Мартин станале блиски, па во кола на Ивана ѝ рекол: „Види каква ќерка имаш, сакаш ли да ја изгубиш? Да сум на твое место јас би се убил”, тврди Стојанче.
Ивана се качила со Катја по работите. Ја немало. Долу пред зградата биле Мартин и Стојанче, таа му вртела, а тој не ѝ кревал.
„Се јавив на камерата, Ивана беше со Катја во рацете. Катја беше во лилаково џемперче. Почнав да викам: Ивана, Ивана. Се упатив кон влезот на зградата. Слушнав јак тресок. Мартин почна да вика: Ивана, Ивана паднала! Искочив на булевар, се фрлив кон една кола во движење. Застана, барав помош. Се јавив во Брза помош, се надевав дека се живи, ќе им помогнат. Дојдоа полициски службеници, ме смируваа: Добри се, добри се“, плачеше Стојанче.
Испитувањето заврши, во ниеден момент обвинетиот не спомна за ќотекот, за тоа дека ја снимал како плаче Ивана претепана, за детето што ноќе босо трчало по комшии да бара помош оти мајка ѝ ќе биде убиена и особено за хоспитализацијата на абдоминална хирургија на Ивана откако ја претепал со боксови и кога отишол кај неа, ја турнал таква по болничките скали.
С. К. ДЕЛЕВСКА



