1 Владата вели дека дури по објавувањето на сите настани поврзани со прославата по повод 35-годишнината од прогласувањето на независноста на државата ќе каже колку ќе чинат настапите на Дејвид Гета и Хосе Карерас. Портпаролката на Владата, Марија Митева, вели дека имало некои договорни клаузули за кои не се во можност сега да зборуваат.
„Ќе ни дозволите да завршиме со најавите за сите настани и потоа достоинствено и доследно ќе информираме за сите детали“, рече Митева.
Не е темата дали треба да има прослава на јубилејот од прогласувањето независност. Нормално дека треба. Не е темата ни дека за таа прослава треба да се потрошат пари од даночните обврзници. Не е тема ниту дали ќе викнеш светски ѕвезди. Не е тема ни квалитетот на програмата.
Темата е колку ќе потрошиш од нашите заеднички пари. И врз основа на што некој донел одлука да ги потроши тие пари. Како е донесена одлуката баш тие ѕвезди да се донесат? Дали имало некоја комисија, организационен одбор? Кој бил дел од таа комисија? Имало ли некаков конкурс? Имало ли некаков тендер за организатор/промотер и за која сума? Има ли посебна ставка во Буџетот за прославата? Дали во организацијата на прославата Владата смета и на пари од општествено одговорни компании, па после ќе им компензира за одговорноста со тендери и јавни набавки?
Ама, на сите овие прашања треба да се одговори пред да почне да се трошат парите. Си има закон, само треба да си ги почитуваат процедурите.
Свадба да правиш треба да знаеш колку пари ќе потрошиш. Колку ќе те чини салата, која музика ќе ја одбереш, колку ќе ја платиш музиката, колку ќе ја платиш порцијата за гостите… Вака, како што вика Владата, излегува како да прави свадба без есап. Нека чини колку ќе чини. Има кој да плаќа. Троши колку што треба, па на крај ќе ви кажеме колку сме потрошиле.
А и зошто би ни кажувале како го трошат нашите пари? Министерката за финансии не се појавува во Собранието да им објасни на пратениците зошто државата се задолжува за 260 милиони евра, а ние очекуваме да ни кажат нам, обичните гласачи колку ќе потрошат да ни организираат забава.
Што има да прашуваш за пари, ако Владата ти вика дека ќе организира светска забава. Ти си сељак што не знае кои се Дејвид Гета и Хозе Карерас. Глодар од талогот на општеството што не може да се израдува на успесите на Владата дека сме трети и петти по раст во Европа и на патот кон ЕУ ги престигнуваме и фронтранерите Црна Гора и Албанија. Предавник што не сака да се израдува на 35-годишнината од прогласувањето независна држава.
А си прашал најобично прашање: Како и колку ќе потрошиш од моите пари за мојата прослава?
2 Премиерот Христијан Мицкоски рече дека за почеток на преговори со ЕУ ќе чекаме некои други подобри времиња и дека „колкава и да е таа цена што треба да ја платиме, оваа Влада е подготвена да ја плати“.
Сопартијците на премиерот кои си имаат бугарските пасоши, веќе платиле. Во Ќустендил, Благоевград, Софија, сеедно, кај што морале да докажуваат дека се Бугари. Не чекале подобри времиња. Премиерот ќе чека подобри времиња за почеток на преговори со ЕУ, а во Влада му седат министри со по две-три резервни државјанства, за кои не им се чекало.
И кога сме веќе кај плаќањето, не плаќа Владата ништо. Ние граѓаните плаќаме што не сме во ЕУ. Дури не е проблем ни што плаќаме повеќе од дваесет години, откако добивме кандидатски статус за ЕУ. Проблем е што не се гледа крајот кога ќе престанеме да ја плаќаме таа цена.
Дури и таа неизвесност многу не ме јадосува. Научени сме ние на чекање. Ама, знате што ме прати гневен, и тоа многу повеќе отколку непријателскиот однос на Бугарија со негирањето на македонскиот јазик и постоењето на македонскиот народ? Кога лекции по патриотизам и македонштина ни држат тие што земаа бугарски пасоши. Што им е ним гајле за нашата иднина во ЕУ? Тие својата иднина си ја обезбедиле.
3 Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој повеќе од два месеца не доаѓа на работа, ги користи сите придобивки од доброто владеење. Имал и службено обезбедување. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на пратеничко прашање, одговори дека не знае дали вицепремиерот уште користи службено обезбедување оти „не води дневна евиденција“. Последен пат Фетаи беше виден на слика во Бангкок. Белким, не отишол некој наш полицаец да го чува и таму? Да не го натепа некој во Тајланд.
Премиерот Мицкоски не знае дали на Фетаи му се исплаќа платата за последните два месеца откако не доаѓа на работа.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека таа не ги прави списоците за плата.
Потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски рече дека него Фетаи не го известил дали ќе дојде на седницата за пратенички прашања.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека не води дневна евиденција на полицајците што гo чуваат Фетаи.
Во Владата би изјавиле: Транспарентноста ќе остане како што била и досега. Достоинствена и доследна.



