Вчера со градежна механизација започна уривањето на куќата на улицата Димитар Влахов во Охрид, изградена во 1927 година, која се наоѓа во непосредна близина на старото градско јадро. Утрово на терен продолжија активностите со отстранување на оградата околу објектот. Станува збор за приватен имот кој не е ставен под заштита како културно наследство. Објектот подолг период беше во лоша состојба, со видливи оштетувања на конструкцијата и внатрешноста.

Утрово на терен продолжи уривањето со отстранување на оградата околу објектот, кој е приватен имот што не е ставен под заштита како културно наследство. (Фото: СДК.МК)
Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ смета дека куќата поседува значајни архитектонски вредности и заслужува институционална заштита и на 29 мај достави барање за итна привремена заштита до Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Според „Охрид СОС“, објектот претставува исклучително вреден пример на еклектична градска архитектура од меѓувоениот период. Куќата содржи уникатни архитектонски и декоративни елементи, кои денес се зачувани во многу мал број не само во Охрид, туку и во државата.
Од Завод и Музеј – Охрид велат дека за подрачјето каде се наоѓа објектот на улицата Димитар Влахов во тек е постапка за изработка на Заштитно-конзерваторски основи за Деталниот урбанистички план (ДУП). Според неофицијалната евиденција на установата, куќата била предвидена да биде евидентирана како објект со одредени споменични својства, поради што заслужувала понатамошна постапка за заштита.
Директорот на установата, м-р Горан Патчев, посочува дека за објектот не постои официјална стручна валоризација ниту формална евиденција, но дека неговата јужна фасада подолго време привлекувала внимание кај стручната јавност поради архитектонските вредности и декоративните елементи.

Куќата беше исклучително вреден пример на еклектична градска архитектура од меѓувоениот период, соуникатни архитектонски и декоративни елементи, кои денес се зачувани во многу мал број не само во Охрид, туку и во државата. (Фото: Охрид СОС)
„Нема стручна проценка и нема официјална евиденција, но со својата јужна фасада објектот привлекуваше внимание од стручната јавност. Завод и Музеј Охрид е на став дека објектот поседува архитектонски вредности на јужната фасада и дека не поседува други вредности ни во ентериерот ни во екстериерот со оглед на тоа дека истиот е повеќе пати доградуван и менувани се елементи од фасада со несоодветни интервенции за кои измени нашата установа не поседува документација“, вели Патчев.
Од Завод и Музеј велат дека инвеститорот досега не побарал мислење за усогласеноста на новопланираната градба со Планот за управување со Охридскиот Регион и дека за намерата за уривање дознале преку медиумите.
„Поднесеното барање за итна привремена заштита дојде на службена е-пошта пред почеток на продолжен празничен викенд кога веќе беа отпочнати активности за рушење, а следниот ден објектот беше повеќе од половина срушен во неработен ден. Имено, за изработка на елаборат за привремена заштита потребно е повеќе време, ангажман и информации кои треба да ги прибават и потпишат стручни лица од установата“, додава Патчев.
Патчев смета дека постоела можност старата фасада да биде инкорпорирана во новиот објект, со што би се зачувале дел од архитектонските вредности и историскиот идентитет на просторот.
„Со реконструкција и вклопување на фасадата во новата градба можеше да се постигне баланс меѓу заштитата и развојот. Такви решенија се применуваат во многу историски градови во Западна Европа и, иако се поскапи, создаваат додадена вредност и за инвеститорот и за градот“, смета директорот на Завод и Музеј – Охрид.
Од установата појаснуваат дека валоризацијата на ваков тип објекти, градени во еклектичен стил меѓу двете светски војни, започнала по донесувањето на новиот Закон за заштита на културното наследство од 2005 и дека досега се заштитени 16 објекти од сличен карактер.
Од Општина Охрид велат дека во случајот со објектот на улицата Димитар Влахов е постапено согласно сите законски процедури и важечките прописи, отфрлајќи дел од информациите што деновиве се појавија во јавноста.
„На барање на сопственикот на куќата, Општина Охрид има издадено одобрение за градење во согласност со важечкиот Детален урбанистички план, донесен во 2008 година, како и во согласност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Во постапката се обезбедени сите потребни согласности и одобренија од надлежните институции и сите активности се реализираат во рамки на важечката законска регулатива“, велат од Општина Охрид.
Од „Охрид СОС“ во барањето за итна заштита кажаа и дека куќата е сместена во близина на повеќе значајни јавни објекти, меѓу кои Маларичната амбуланта, Пензионерскиот дом, градинката „Јасна Ристеска“, гимназијата „Свети Климент Охридски“ и Основното училиште „Григор Прличев“, со што претставува дел од веќе формирана архитектонско-урбанистичка целина.
Според „Охрид СОС“, Охрид забрзано го губи своето архитектонско наследство. Во изминатите години беа урнати повеќе вредни и препознатливи градби, додека голем број други објекти со историска и архитектонска вредност се соочуваат со ризик од рушење или постепено пропаѓање поради недоволна заштита и грижа.
С. ВРЕНЦОВСКА



