ДЕВОЈКА ПОВРЕДЕНА ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС” ДОБИ ПРАШАЊЕ ОД АДВОКАТ ДАЛИ ИЗЛЕГУВАЛА ТАМУ ЗА ВРЕМЕ НА КОВИДОТ, ДРУГ ЈА ПРАША ДАЛИ Е ГРАДЕЖЕН ЕКСПЕРТ КОГА СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ГОРЕЛЕ СУНЃЕР И СТИРОПОР

    ДЕВОЈКА ПОВРЕДЕНА ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС” ДОБИ ПРАШАЊЕ ОД АДВОКАТ ДАЛИ ИЗЛЕГУВАЛА ТАМУ ЗА ВРЕМЕ НА КОВИДОТ, ДРУГ ЈА ПРАША ДАЛИ Е ГРАДЕЖЕН ЕКСПЕРТ КОГА СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ГОРЕЛЕ СУНЃЕР И СТИРОПОРAдвокатите на обвинетите ја прашуваа девојката дали имало подиум за играње, па дали ѝ пречела пиротехника кога се користела на други места кај што одела. (Фото: СДК.МК)

    Во големата судница во затворот во Идризово, на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, денеска дојдоа сведоците: Александар Јосифов, Драган Ананиев и Ана Зафировска, која сведочеше прва.

    Таа е повредена на 16 март лани во пожарот во кој загинаа 63 млади луѓе и деца, а над 230 беа повредени.

    Таа сведочеше дека имало обезбедување внатре, а сепак локалот бил преполн.

    На прашање, одговори дека имало малолетници таа вечер, а капацитетот на диското бил преполн.

    „Додека стигнав од масата до вратата, диското изгоре”, сведочеше Зафировска.

    Таа кажа дека вечерта имало рација за малолетниците, но музиката не била запрена.

    „Никој не ме упати каде да се движам откако избувна пожарот од пиротехниката“, кажа таа во сведочењето.

    Зафировска била заглавена во стампедото. Се здобила со изгореници на целата лева рака. Била во болница 42 дена.

    Кога кажа дека видела што гори, односно дека гори сунѓер и стиропор, адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов, викан Газда Деко, ја праша: „А вие градежен експерт да не сте, па да кажувате со сигурност што гледате?”.

    „Па се гледаше што гори”, рече Зафировска.

    Потоа адвокати ја прашуваа дали имало подиум за играње, па дали ѝ пречела пиротехника кога се користела на други места кај што одела и слични прашања додека девојчето ја држеше под маса повредената рака.

    На одговорот дека не се сеќава ни кој ја извлекол од стампедото, адвокат на обезбедувањето ѝ рече: „Е како на сѐ се сеќава, само на тој што ја извлекол не се сеќава?”.

    Девојчето почна самото да се брани, место обвинителите или судијката да реагираат на ваквите констатации.

    „И вас да ве стават во такво стампедо, ќе видите дали ќе се сеќавате на нешто”, им кажа сведокот Ана.

    Потоа друг адвокат праша: „Како тврдите дека имало многу малолетници во ‘Пулс’?”.

    „Кажав пред судот дека таму излегував од 17 години, значи од малолетна”, одговори таа.

    Следен адвокат праша: „Дали внатре имаше експлозија”?.

    „Почнаа флашите да пукаат, снема светлина. Не знам како да ви одговорам на прашањето”, рече девојчето.

    Друг адвокат праша: „Ана, дали за време на ковид-пандемијата бевте во Пулс?”.

    Имаше и прашање: „Спомнавте малолетници во диското Пулс. Дали точно знаете ден, месец и година на нивно раѓање?”.

    „Се гледа на лик дека се помали од мене. Датум на раѓање нормално дека не им знам. А видете и колку малолетници има меѓу починатите”, му кажа Ана.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира