„Лидл“ денеска почна со изградба на маркет во скопската општина Гази Баба.Новиот продажен објект ќе се простира на површина од околу 2.500 квадратни метри, од кои приближно 1.500 квадратни метри ќе бидат наменети за продажен простор. За посетителите се предвидени 130 паркинг места.
Претставникот на Лидл Северна Македонија нагласи дека инвестицијата во Гази Баба е потврда за довербата на компанијата во потенцијалот на македонската економија.
„Со градењето на секој нов маркет ја зајакнуваме нашата продажна мрежа и ја унапредуваме нашата поврзаност со локалната заедница. Гази Баба е динамична и фреквентна општина и сметаме дека е вистинската локација за овде да ја продолжиме нашата инвестициска приказна. Нашата цел е да создадеме современи и функционални малопродажни центри кои ќе понудат производи со висок квалитет по достапни цени, преку ефикасен и одржлив бизнис модел, а истовремено да креираме нови и стабилни работни места“, изјави Гоце Гаврилов, директор за недвижности во Лидл Северна Македонија.
Од компанијата велат дека на просторот ќе бидат зачувани 200 дрвја, а за отстранетите 15, ќе бидат засадени 32 нови садници. Маркетот ќе има дворно зеленило од 3.636 квадратни метри.



