ЛУЃЕТО НЕ ЗАГИНАА ОД АКТИВАЦИЈА НА ПОЖАР, ТУКУ НЕМАА КАДЕ ДА БЕГААТ, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ ЈАКИМОВСКИ ОТКАКО ОДБРАНАТА ПОБАРА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО „ПУЛС”

    ЛУЃЕТО НЕ ЗАГИНАА ОД АКТИВАЦИЈА НА ПОЖАР, ТУКУ НЕМАА КАДЕ ДА БЕГААТ, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ ЈАКИМОВСКИ ОТКАКО ОДБРАНАТА ПОБАРА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО „ПУЛС”Сведокот Горан Игновски тврдеше дека не се негови прскалките кои го запалија спуштениот сунѓерест плафон во „Пулс”. (Фото: СДК.МК)

    Горан Игновски, продавач на опрема за концерти, повеќе за озвучување и осветлување, а помалку за сценски ефекти, прскалки и пиротехника, на денешното судско рочиште за тешката трагедија во кочанското диско „Пулс” кажа дека на групата „ДНК“ пред две и пол години ѝ продал осум топли прскалки, но неговите биле со „дострел” во висина од два метра, а овие што ја запалија дискотеката со само една врата по негово видување биле до три метри барут и искри нагоре.

    Се појави голема надеж кај обвинетите со коментари дека сведокот и „ДНК“ го запалиле диското и изгореле и убиле 63 млади луѓе, а 250 тешко и полесно повредиле.

    Адвокатите се бунеа: Дали не треба овој сведок да биде обвинет, место обвинетиот газда Дејан Јованов или групата од Министерството за економија која дала лиценца за „Пулс” во 2012, а пожарот се случи во 2025 година?

    На ова реагираше обвинителот Дарко Јакимовски, кој рече дека 63-цата луѓе не ги убија прскалките, туку вратите што ги немаше повеќе од една. Да имаа каде да излезат, немаше да умрат, рече тој.

    За обвинетите од Министерството за економија рече да се почека Обвинителството за докаже активно и пасивно учество во кривичното дело, но дека во секој случај е добро што почна да се исцртува разликата.

    Сведокот објаснуваше дека се бави само со продажба на предмети за сценски ефекти: осветлување, ладни фонтани-прскалки кои работат на прашок и чад-машини на база на вода што се користат за свадби.

    За топлите фонтани рече дека работеле на барут. Рече има барутни фонтани за внатре и барутни фонтани за надвор.

    „Топлите фонтани се мали куферчиња, што ги набавивме легално. Се става патронот и кога сакате, со далечинско се активираат. Ладните фонтани се големи кутии и чинат по 500 евра. Топлите се многу поевтини, една е 8.000 денари. Куферчињата за топлите фонтани ги набавувавме од Кина, а ги продававме во нашата продавница. Се користат и за дување балони и друго. Со нашите куферчиња одеднаш можат да се активираат осум бази, односно прскалки. Можат да се активираат на оддалеченост од 50 до 100 метри. Тие што се користат за внатрешна употреба се понезапаливи. Составот на топлите прскалки е барут, магнезиум и алуминиум”, одговараше сведокот на прашања.

    Тој тврди дека не се негови прскалките кои го запалија спуштениот сунѓерест плафон во „Пулс”.

    „Го познавав Панчо од ‘ДНК‘. Тој пред три години имаше купено само куферче, а подоцна и лицето Мартин Атанасовски-Буцо од ‘ДНК‘ купи осум прскалки. Но, тоа беше одамна. Оттогаш немаше купено. Тие топли прскалки, околу 100 парчиња, сум ги донел лично јас од Бугарија. Неисплатливо ми беше да продавам барутни прскалки, ги има на Бит Пазар за 300 денари. Можете и онлајн да ги набавите од Косово, ќе ви ги донесат дома”, кажа сведокот Горан.

    На човекот што го пратил Владимир Блажевски-Панчо, пред 2,5-3 години му продал осум топли прскалки за внатрешна употреба и оттогаш никогаш повеќе.

    Додаде дека за еден месец сите ги потрошил, демонстрирајќи на нив како функционираат куферчињата. Тоа е година и пол пред да се случи тешката трагедија на 18 март 2025. Ги набавил од бугарската фирма „Тропик” и нелегално ги продавал лично тој, а не преку фирмата.

    „Дали знаете дека меѓу трагите од пожарот има прскалки до бугарската фирма ‘Тропик’?”, праша обвинителот.

    „Не знаев”, рече сведокот и наброја фирми како неговата кои користат прскалки од „Тропик”.

    Тој тврдеше дека прскалките за внатрешна употреба што ги продавал биле со дострел до два метра.

    „Овие во трагедијата биле со дострел во висина од три метри. Можат да се најдат на Бит Пазар. Групата ‘ДНК‘ има искористено 100 прскалки, зошто би ги чувале моите за ‘Пулс’, купени одамна”, праша сведокот.

    Овие прскалки од три метри висина направиче беља и во Гевгелија. И таму полицијата не реагирала како во „Пулс”.

    „‘ДНК‘ во клубот ‘Де факто’ во Гевгелија имаат запалено и платно, изгореа и звучници. Ми кажа колега од Гевгелија, Јани Мурџиев. Откако го повикавте, ме направи партал зошто сум го спомнал во исказ”, одговори на прашање на обвинителот.

    Потоа го опиша и далечинското за активација, дека е колку зип-запалка и оти е со антенче.

    Денешното рочиште продолжува со други сведоци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира