ЗАПОСТАВЕНА Е ВЕЛЕШКАТА „ЖАБА ЗГРАДА“ СТАРА 70 ГОДИНИ, ПРВАТА ВИСОКОКАТНИЦА ИЗГРАДЕНА ВОН СКОПЈЕ

    ЗАПОСТАВЕНА Е ВЕЛЕШКАТА „ЖАБА ЗГРАДА“ СТАРА 70 ГОДИНИ, ПРВАТА ВИСОКОКАТНИЦА ИЗГРАДЕНА ВОН СКОПЈЕОсумкатницата е дело на словенечкиот архитект Јоже Херман, кој дел од својот живот го поминал во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Најстарата висококатница во Велес е таканаречената „жаба зграда“, изградена во 1957. Осумкатницата е дело на словенечкиот архитект Јоже Херман, кој дел од својот живот го поминал во Велес.

    „Жаба зграда е една од најпрепознатливите и првата станбена кула. Таа е најстарата кула надвор од Скопје и прва станбена кула во Велес. Нејзината карактеристична основа го формира нејзиниот лик и самото име ‘жаба зграда’. Нејзиниот скелетен систем воведува новина во домувањето во Велес“, вели Марија Петрова, архитектка од Кочани, која ја проучувала архитектурата на високите велешки згради.

    Жаба зграда е проектирана од „Проектантско биро“, финансирана од Народниот одбор на Титоввелешката Околија, а изградена од градежното претпријатие „Младост“, сите од тогашниот Титов Велес. Архитектот Херман дошол да живее во Велес, тука се оженил, а во почетокот на 1970-тите години со семејството се вратил во Цеље.

    Според сопственикот на првата воденица, Бошко Јаневски, зградата е градена со материјал од карпата Цуцка, која се наоѓа во близина на вливот на реката Тополка во Вардар. Таму се наоѓала воденицата и тој бил сведок како се кршел каменот што подоцна се користел за изградба на зградата.

    Станбените кули во Велес се дел од модернистичката реформа од втората половина на 20. век. Тие го создаваат новиот идентитет на градот, кој се стреми кон модерност, домување по современи стандарди и населување во височина. Во Велес има 22 висококатници, од кои некои имаат идентичен изглед, како кули близначки.

    „За жал, дел од постарите кули во Велес доживуваат судбина на запоставеност, што се должи на застареноста, природен процес во домувањето во вертикала. Тоа отвора дилема дали она што некогаш било важно за градот е важно и денес“, вели Петрова.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира