НОВ СООБРАЌАЕН ЗНАК НА ЕВРОПСКИТЕ ПАТИШТА – БЕЛ РОМБ НА СИНА ПОДЛОГА ОЗНАЧУВА ЛЕНТA ЗА ВОЗИЛА СО ПОВЕЌЕ ПАТНИЦИ

    НОВ СООБРАЌАЕН ЗНАК НА ЕВРОПСКИТЕ ПАТИШТА – БЕЛ РОМБ НА СИНА ПОДЛОГА ОЗНАЧУВА ЛЕНТA ЗА ВОЗИЛА СО ПОВЕЌЕ ПАТНИЦИИако за европските возачи ова е релативно нова појава, ваквиот систем на сообраќајна регулација се применува во САД и Канада уште од седумдесеттите години. (Фото: Флит магазин)

    На патиштата низ Европа во изминатиов период сè почесто се појавува нов сообраќаен знак кој кај многу возачи предизвикува недоумици. Станува збор за бел ромб на сина подлога, симбол кој ги означува таканаречените HOV-ленти (High Occupancy Vehicle), односно коловозни ленти наменети исклучиво за возила кои превезуваат повеќе лица.

    Овој знак вообичаено се поставува над крајната лева лента на коловозот и укажува дека таа е резервирана за специфични категории возила. Примарно, овие ленти се наменети за автомобили во кои се наоѓаат најмалку двајца патници, вклучувајќи го и возачот. Покрај нив, пристап до овие ленти често имаат и такси-возилата, автобусите, мотоциклите, како и возилата на електричен погон или оние со исклучително ниска емисија на штетни гасови. Дополнителните табли под знакот најчесто прецизираат дали е потребен минимален број од двајца или тројца патници, како и временскиот период во денот кога важи ова ограничување.

    Иако за европските возачи ова е релативно нова појава, ваквиот систем на сообраќајна регулација се применува во САД и Канада уште од седумдесеттите години. Неговата главна функција е да го намали сообраќајниот метеж во големите урбани средини и да придонесе кон заштитата на животната средина преку намалување на бројот на возила во сообраќајот.

    Во Европа, Франција и Шпанија се меѓу првите земји кои започнаа со воведување на овие знаци на своите главни сообраќајни артерии. Контролата на овие ленти се спроведува строго, честопати и преку камери со висока резолуција кои можат да го детектираат точниот број на луѓе во кабината. Казните за непрописно користење на овие ленти се високи и достигнуваат до 135 евра во Франција, додека во Шпанија надминуваат 200 евра.

    Примената на овој знак има за цел да го стимулира заедничкото патување на граѓаните кои се движат во ист правец, со што директно се влијае на намалување на гужвите во најфреквентните часови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира