Македонија треба да ги ревидира клиничките протоколи бидејќи процентот на породувања со царски рез, како и во светот, е навистина зголемен, кажа денеска директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), д-р Ирена Алексиоска-Папестиев.
Таа рече дека царскиот рез некогаш е оправдан затоа што за животот на мајката и бебето има оправдани индикации. Меѓутоа, вели таа, според Светската здравствена организација (СЗО), оправданата индикација е од 15 до 20 отсто. На светско ниво, процентот на царски рез некаде е 33%.
„Секогаш по третиот царски рез, сите светски протоколи предвидуваат стерилизација на мајката, затоа што секој нареден царски рез е компликација. Меѓутоа, ние не можеме да ја стерилизираме мајката без да имаме согласност од неа. Ние во последно време треба да обрнеме внимание и на мајчиниот морталитет и леталитет, затоа што сè повеќе жени почнаа да раѓаат на повисока возраст, кога имаат исклучителен број на коморбидитети. Сега имавме уште една многу тешка пациентка која има дијагностицирана онколошка болест на почетокот на бременоста. Ние сме ѝ препорачале да ја прекине, меѓутоа оваа 43-годишна жена вели дека го прифаќа ризикот за да го роди бебето. Ние не можеме жената со сила да ја натераме да ја терминира бременоста. Жената е во исклучително тешка состојба, со цироза и асцит. Операција од четири часа и царски рез е исклучителен стрес за сите во салата. Меѓутоа, жената, за среќа, благодарение на целиот тим кој беше вклучен, беше во добра состојба. Сакам да кажам, треба да се ревидира мајчината смртност, затоа што раѓаат сè повеќе веројатно постари пациентки со коморбидитети и сè повеќе имаме гинеко-онколошки пациентки кои и понатаму раѓаат“, рече д-р Алексиоска-Папестив, зборувајќи на прес-конференција за намалувње на смртноста кај децата до 5 години.
Директорката смета дека наредниот фокус треба да биде на ажурирање на протоколите и на препораките царски рез да не се прави непотребно.
„Тука треба да се вклучат сите здравствени институции, почнувајќи од Клиниката, каде што се слеваат сите најсложени случаи, до приватните болници, каде што малку се полиберални за поставување индикаиција на царски рез и до сите останати здравствени институции во регионот“, рече таа, додавајќи дека треба да се поработи и на подигање на свесноста кај населението.
Б. НЕСТОРОСКА



