За изјавата „Она е од село нека си оди таму ѝ е местото, овие часови ќе ги дадеме на наше дете да си се групираме градски!“ за наставничка по спорт и спортски активности, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди вознемирување врз основа на потекло во областа на работата и работните односи сторена од поранешниот заменик-директор во училиштето.
Наставничката на 11 септември лани поднела претставка против директорот на училиштето и заменик-директорот за извршена дискриминација врз основа на потекло и политичка припадност во областа на работата и работните односи.
Според наводите во претставката, наставничката тврдела дека при распределба на наставни часови била навредена од заменик-директорот кој, како што наведува, изјавил дека „за неа нема часови тука, бидејќи е од село“, додавајќи дека часовите треба да им се доделат на „градски кадар“. Подносителката оценила дека ваквата изјава е дискриминаторска и понижувачка, бидејќи се темели на нејзиното потекло, а не на професионални критериуми.
Во претставката се наведуваат и други неправилности, меѓу кои привремено одјавување од здравствено осигурување, намалување на фондот на часови и понуда на анекс-договор со ретрограден датум, што според неа претставувало притисок да се откаже од дел од работните обврски.
Во изјаснувањето доставено до Комисијата, поранешниот заменик-директор ги негирал обвинувањата, тврдејќи дека не дал навредливи изјави и дека немал надлежност за распределба на наставните часови. Посочено е и дека тој се повлекол од функцијата на крајот на август 2025 година и продолжил да работи како наставник.
По разгледување на случајот, Комисијата утврдила дека изјавата поврзана со потеклото на наставничката претставува вознемирување, односно несакано однесување што го повредува достоинството и создава понижувачка работна средина.
„Комисијата утврди дека вака утврдената фактичка состојба претставува вознемирување врз подносителката согласно член 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација кој гласи: (1) Вознемирувањето претставува несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика. Согласно погоре цитираната изјава, Комисијата констатира дека истата предизвикала вознемирување кај подносителката врз основа на фактот што потекнува од рурална средина, при што ваквото вознемирување се манифестирало со повреда на нејзиното достоинство во работната средина. Во продолжение на ова, Комисијата дополнително го ценеше и фактот што во произнесувањето, наведениот потенцијален дискриминатор не го докажа спротивното и не го поби тврдењето истакнато во претставката за заштита од дискриминација, при што во однос на истото беше наведено дека истиот при вршењето на неговата работна задача немал дадено навредувачка или омаловажувачка изјава спрема нити еден колега, а особено не за подносителката на претставката“, се вели во одлуката на КСЗД.
Сепак, Комисијата не утврдила дискриминација во делот на намалувањето на бројот на наставни часови. Според образложението, промената на работниот ангажман произлегла од организациски причини, односно враќањето на поранешниот заменик-директор на наставничка позиција, со што престанала потребата од дел од часовите што претходно ги изведувала подносителката.
Како мерка, Комисијата во одлуката објавена на 11 март, препорача поранешниот заменик-директор писмено да ѝ се извини на наставничката за дадените изјави во рок од 30 дена и за тоа да ја извести институцијата. Во спротивно, може да биде покрената прекршочна постапка пред надлежен суд. Ако не постапи согласно дадената препорака, Комисијата, согласно своите надлежности од член 27 став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.
Б. НЕСТОРОСКА



