ОПАСНО СВЛЕЧИШТЕ СТАНА РАСПУКАНИОТ ПАТ ВО ТЕФЕРИЧ, ОПШТИНА КИСЕЛА ВЕЛИ СЕ ПРАВАТ СТРУЧНИ ПРОЦЕНКИ ЗА ТРАЈНО РЕШЕНИЕ

    ОПАСНО СВЛЕЧИШТЕ СТАНА РАСПУКАНИОТ ПАТ ВО ТЕФЕРИЧ, ОПШТИНА КИСЕЛА ВЕЛИ СЕ ПРАВАТ СТРУЧНИ ПРОЦЕНКИ ЗА ТРАЈНО РЕШЕНИЕСоздадена е огромна дупка која од ден на ден станува поголема и патот пропаѓа надолу. (Фото: СДК.МК)

    Направен е стручен увид од експертски тим од Градежен факултет за распуканиот пат во Теферич и сега, како што велат од Општина Кисела Вода, се вршат проценки какви мерки да се преземат. Патот, односно  улицата Мариовска во должина од 70-на метри, кој во февруари распука на половина само пет месеци откако беше реконструиран и поставен нов асфалт, сега е свлечиште и постои опасност целосно да се излизга и падне. Создадена е огромна дупка која од ден на ден станува поголема и патот пропаѓа надолу.

    Свлечиштетото се наоѓа на 200 метри воздушна линија односно на околу 85 метри висинска разлика над Домот за лекување зависности во Кисела Вода.

    Движењето е забрането за возила но, според сликата на лица место, не е безбедно ниту движење на пешаци. Овој пат го користат жителите во Сопиште, Горно и Долно Соње и е клучна делница за голем број население затоа што опслужува голем број возила кои редовно циркулираат одовде.

    „Извештајот од извршениот стручен увид од страна на експертскиот тим од Градежниот факултет е пристигнат и во него детално се разработуваат сите аспекти на настанатата пукнатина на патот. Со оглед на комплексноста на проблемот, оваа документација во моментов е предмет на координирана анализа од страна на сите релевантни институции, во насока на преземање на сите понатамошни чекори. Врз основа на овие координирани заклучоци, ќе се пристапи кон спроведување на соодветните процедури. Наша примарна цел е изнаоѓање на трајно, технички издржано и пред сè безбедно решение кое во целост ќе ја гарантира сигурноста на граѓаните“, велат од Општина Кисела Вода.

    Од Општината не кажуваат што вели заклучокот од Градежниот факултет и какви мерки се предлагаат да се преземат.

    „Состојбата на терен се следи во континуитет од страна на градоначалничката и нашите служби, со цел да се има директен увид во фактичката состојба додека траат овие неопходни институционални и стручни проценки“, додаваат од Општината.

    Асфалтот на патот распука и лани во јуни, по што неколку месеци беше затворен. Но, тогаш не беше создадена толкава пукнатина и свлечиште.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира