ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА СО БУЏЕТ ОД 10.000 ЕВРА ИМА ПАРИ ДА НАПРАВИ КОНТРОЛИ САМО КАЈ ТРОЈЦА ЗАГАДУВАЧИ

    ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА СО БУЏЕТ ОД 10.000 ЕВРА ИМА ПАРИ ДА НАПРАВИ КОНТРОЛИ САМО КАЈ ТРОЈЦА ЗАГАДУВАЧИ120 инсталации имаат А-интегрирана дозвола, а Инспекторатот има буџет од 600.000 денари за мерење на лабораториски услуги, едно мерење е околу 200.000 денари.(Фото: СДК.МК)

    Министерството за животна средина ќе прави регистар на загадувачи кој ќе биде јавно објавен. Во регистарот ќе бидат поставени параметрите односно резултатите од лабараториските анализи од инсталациите коишто поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола.

    Испитувањата ќе ги прават самите индустриски капацитети, бидејќи во буџетот на Инспекторатот за животна средина нема пари да се направат испитувања на сите инсталации со А-интегрирана дозвола.

    „Контрола врз капацитетите кои имаат А-интегрирана еколошка дозвола, согласно Законот за животна средина, најмалку еднаш годишно треба да врши Државниот инспекторат за животна средина. Има 120 инсталации кои имаат А-интегрирана дозвола, а ние имаме 600.000 денари (помалку од 10.000 евра н.з.) за мерење на лабораториски услуги. Едно мерење е околу 200.000 денари. Со нашиот буџет од 600.000 денари ние не можеме тоа да го правиме на секоја инсталација. Не може сега ние да имаме недоверба кон сите институции, кон судовите, кон инспекторите, кон нивниот мониторинг. Но, секогаш нели кога има некое сомневање дека се појавува чад во друга боја, некој непријатен мирис, ние можеме да направиме контрола, и правиме контрола. И ако резултатите излезат дека се повисоки гранични вредности, самата инсталација ги плаќа трошоците. Не ги плаќаме ние, туку инсталацијата. Но ако излезе дека резултатите се во ред како тие што ги прикажале, трошокот паѓа на нас. И ние како еден сиромашен инспекторат или Министерство, немаме ни толку средства за да направиме контрола на сите тие параметри кои тие ги прават. Една инсталација која има А-интегрирана еколошка дозвола треба да врши мерење не само на емисии во воздухот, туку и на отпадните води“, рече директорката на Инспекторатот за животна средина Ивана Гиновска на денешниот брифинг во Министерството за животна средина.

    Инспекторатот за животна средина има 12 инспектори. Директорката Гиновска вели дека и со оваа мала бројка на инспектори направени се 1.700 контроли.

    Министерот за животна средина Муамет Хоџа кажа дека од септември годинава ќе стапи на сила новиот Закон за контрола на индустриските емисии.

    „Јас индивидуално имав состаноци и со претставници на индустриските капацитети, но до крајот на овој месец ќе ги собереме на едно место сите за да можеме да дискутираме за новите правила, односно новите мерки што ги предвидува законот. Ќе биде организирана и јавна расправа за новата дозвола на УСЈЕ,“, рече Хоџа.

    Инспекторатот месецов извршил мерања во фабриката УСЈЕ, а резултатите се очекуваат да пристигнат кон почетоков на наредниот месец.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира