ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НЕНАД САВЕСКИ ЖАЛИ ЗА ОДЛУКАТА НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ДА СИ ДАДЕ ОСТАВКА

    ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НЕНАД САВЕСКИ ЖАЛИ ЗА ОДЛУКАТА НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ДА СИ ДАДЕ ОСТАВКАДржавниот обвинител Ненад Савески вели дека за причините за оставката на Ленче Ристоска дознал од медиумите. (Фото: СДК.МК)

    Државниот јавен обвинител Ненад Савески изрази жалење по одлуката на обвинителката Ленче Ристоска да си поднесе оставка.

    „Во принцип не сакам да коментирам лични одлуки, но сепак изразувам жалење за одлуката на колешката Ристоска. За ваквиот чин и од неа лично бев известен преку СМС порака по поднесување на оставката, а за причините за истата дознав од медиумите. Но, она што сакам да го истакнам е дека Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со Европравда”, соопшти Савески и наведе дека Одлуката за отповикување на сите овластувања дадени од неговите претходници не е персонална и не е насочена кон работата на обвинителката Ристоска.

    „Таа одлука е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на јавното обвинителство. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите јавни обвинители заедно и секој поединечно, да не дозволиме ништо да влијае врз нашиот професионален интегритет и секојдневна работа”, вели тој и упати „повик и до сите општествено влијателни субјекти да создадат атмосфера во која угледот на обвинителството нема да се загрози, бидејќи тоа е во интерес не само на јавното обвинителство, туку и на сите граѓани кои што ги остваруваат своите индивидуални права и слободи меѓу останатото и преку работата на оваа институција”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира