Продуцентката Марија Димитрова е избрана за нова претседателка на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) со мнозинство гласови на годишното редовно Собрание на Друштвото. Димитрова има мандат од четири години, а доаѓа на местото на досегашниот претседател, режисерот Игор Иванов-Изи кој беше претседател 8 години.
Како што соопшти ДФРМ, покрај Димитрова, пријавен бил и филмскиот монтажер Мартин Иванов, кој меѓу другите филмови, ја работеше и монтажата на двата последни докуемнтаци на Тамара Котевска, „Приказната за Силјан“ и „Патување пеш“ и на „Исцелтел“ на Ѓорче Ставрески.
Димитрова е дипломирана продуцентка на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) Скопје и дипломирана инженерка по информатика од Природно-математичкиот факултет (ПМФ) Скопје. Со филмска продукција активно се занимава од 2013, во периодот 2014–2025 , работела на 16 кратки играни и документарни филмови, а во 2016 ја основа „Лист продукција“. Продуцентка е на долгометражните филмови „Сестри“ на Дина Дума, и на „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски. Работела и на неколку рекионални копродукции.
Димитрова е членка на Европската филмска академија (ЕФА), како и на продуцентските мрежи ЕАВЕ и АЦЕ Продусерс.



