ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ НЕ Е ШВЕДСКА МАСА ПА ДА СЕ БИРААТ ВКУСОВИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ НЕ Е ШВЕДСКА МАСА ПА ДА СЕ БИРААТ ВКУСОВИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИМинистерот Алиу, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Мицкоски и директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски на денешното промовирање на реновираните хируршки сали. (Фото: К. Попов)

    Уште не е готов Предлог-законот за заштита од пушење, но е при крај, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу по промовирањето на реновираните хируршки сали во Ургентниот центар во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

    Првично беше најавено дека законот ќе почне да се применува од 1 март, но беше одложен поради реакции и забелешки од угостителите и тутунската индустрија. Алиу неколкупати досега најави дека ќе биде ставен на владина седница, но не помина ниту на минатонеделната седница на 31 март, поради неусогласувања со Министерството за земјоделство.

    „Значи прво, нашата стратегија како Влада е сите закони, не само овој, да ги работиме синхронизирано, отворено со сите учесници во државата. Тоа го направивме и со овој закон. Ние имавме неколку состаноци и на работно ниво, значи на оперативно ниво со работните групи, но исто така и на политичко ниво кое што лично и премиерот беше вклучен во целата процедура два и три пати, мислам дека три пати. Така да, ние цело време и се синхронизираме и имаме координација со сите владини, невладини институции, со сите и со бизнис заедницата. Веќе законот е при крај, денеска имам состанок, последниот состанок со министерот за да може дополнително да се синхронизираме од правна гледна точка и ценам дека законот веќе оваа недела, најкасно до наредната недела, ќе биде дел од владините процедури. Веќе е синхронизирано со сите учесници“, одговори Алиу на новинарско прашање до каде е Предлог-законот.

    Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека веќе разговарале со хотелите, рестораните и кафулињата, и сигурен е дека тука веќе има некакво решение.

    „Но, исто така, околу производителите и увозниците, ќе се сложите дека кај малолетниците сѐ повеќе имаме примери каде што се користат и се употребуваат оние таканаречени вејпови со вкусови. Тоа не е во ред. Тоа не е во ред затоа што ако се бориме против пушењето, а децава од најмали години користат ароматизирани вејпови коишто потоа може да се трансформираат во нешто друго, тоа не е во ред. Е сега, тие што ги увезуваат го правдаат тоа дека ќе има шверц од соседните земји. Значи, сега ние од едно лошо, алтернативата ни е друго лошо. Не е тоа суштината на оваа реформа. Ние велиме дека секој може да си продава тоа што треба да се продава, ама треба да има јасно правило како сето тоа ќе функционира. Сега, не можеме тие барања ние да ги ајде да дозволиме и понатаму ароматизирани вејпови да се користат и децава по 11-12 години да ги користат. Тоа не е во ред. Тоа е она коешто ние не сакаме да биде во законот. А тие велат ‘да има барем еден-два вкуса, ментол да има’. Не е ова, како да ви кажам, шведска маса – малку од ова сакам, малку од она. Или правиме холистички пристап, пристап со којшто ќе направиме нешто, или подобро да оставиме вака да биде како што е сега – без контрола, без ништо, па да видиме до каде ќе стигнеме. Се разбира дека второто не е решение. Се разбира дека првото ќе биде решение и мора да имаме рамка. Не може вака“, кажа Мицкоски.

    На 19 март, на новинарско прашање дали има некакви измени од првичното што беше понудено, во однос на барањата на угостителите кафеанските тераси да имаат две отворени страни, а не три, Алиу рече дека според Светската здравствена организација има дефинирани услови за тоа каде треба да има чист воздух. Направиле научна анализа како може и кои се максималните и минималните услови за да може просторот да се третира како простор за пушење или простор каде што не се дозволува пушење.

    „Дојдовме до заклучок и од научната фела и од експертите во здравството дека со две отворени страни просторот, значи терасите, можат да се дозволат да се пуши, заради тоа што воздухот цури, се чисти воздухот внатре квалитетот на воздухот. Но, од друга страна и од економска гледна точка, знаете дека само во Скопје имаме над 7.000 угостители кои што имаат тераси. Според структурата на градот и во другите градови, но уште еднаш напоменувам, посебно во Скопје, поголем дел од тие угостителски објекти се со таква инфраструктура што е невозможно да има три страни отворени. На пример, во аголни и така натаму, кои што од едната и од другата страна имате објекти коишто вие не можете да срушите објект за да имате три страни отворени. ​Ние затоа ставивме во законот да може и кровот да биде отворен и да се третира, бидејќи се докажа дека со третирање и на кровот како отворена страна, воздухот за неколку секунди се чисти. Но една од најголемите, ајде да кажеме, инфраструктурни зафати кои што треба да ги имаат сите бизниси кои се занимаваат со ваков тип на услуги, ќе мора, значи со закон ќе мора да направат влез во самиот угостителски објект кој што е одвоен од просторот каде што се пуши. Фактички, идејата на законот е да ги штитиме сите граѓани коишто не пушат, а да им одредиме место на граѓаните коишто пушат каде може тоа да се пуши. И со ова јас сум дефинитивно и како министер и како институција многу задоволен што секој наш граѓанин којшто не консумира цигари може да влезе во секој угостителски објект без да има пристап до местото, до просторот каде што се пуши“, рече Алиу минатиот месец.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира