Вработените од Националниот парк (НП) „Шар Планина“, заедно со волонтери од Општина Теарце спроведоа еколошка акција за чистење на патот кој води од Лешок кон Варвара. Во акцијата, која траеше неколку час, биле собрани 5 тони отпад кој бил фрлен по патот.
Од НП „Шар Планина“ се задоволни од постигнатиот резултат, но и од соработката со жителите и институциите од Општина Теарце.
„Вчера не беше само акција за чистење – беше прекрасен ден на соработка и посветеност кон природата. Заедно со локалната заедница на Варвара, тимот на Националниот парк ‘Шар Планина’, институционални претставници и многу посветени жители, успеаја да отстранат над 5 тони отпад од патот Лешок-Варвара. Резултат што јасно покажува дека кога сме заедно, можеме да направиме вистинска промена. Од срце благодарност до сите волонтери, жители и партнери кои дадоа придонес – ова е одличен пример за тоа што можеме да постигнеме заедно“, се вели во соопштението од „Шар Планина“.
Општина Теарце се простира на 13 илјади хектари површина и има 13 населени места, а еден дел територијата од нив се наоѓа во Националниот Парк „Шар Планина“.
З. АНДОНОВ



