Граѓаните ќе можат кај својот матичен лекар да потпишат изјава за согласност за органдарителство, е една од измените на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, кој од денес е достапен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР).
Од Министерството за здравство велат дека од досегашната примена на законот произлезе потреба да се направат измени и дополнувања во насока на проширување на кругот на лица кои можат да бидат живи дарители на органи, олеснување и измена на административните постапки и овозможување секој граѓанин со изјава кај својот матичен лекар да се определи за потенцијален донор на органи по смртта.
„Ова е уште еден чекор во насока на подигнување на јавната свесност за значењето на органдонорството, како највисок акт на човекољубие со кој се спасуваат човечки животи. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, системот да биде потранспарентен и подоверлив, а личната одлука да се врати таму каде што ѝ е местото – кај самиот човек“, вели министерот Алиу.
Националната координаторка за трансплантација д-р Билјана Кузмановска на 11 март, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот кажа дека во последните месеци имаат серија одбивања од семејствата за давање согласност на донори кои биле комплетно обработени и погодни за трансплантација.
„Жално е кога се подготвувате неколку дена да трансплантирате, сите тимови се подготвени, а на крај семејството нема да даде согласност. Апелираме секој да си размисли за себе, да разговара со своето семејство, да го искаже својот став во однос на органодарителство после смртта. Нема ништо поблагодарно и поблагородно од тоа да се спаси човечки живот во момент кога еден човечки живот згаснува. Размислуваме да се впуштиме во поголеми активности и кампањи како директно со граѓаните, така и преку медиумите за зголемување на свеста за органодарителство. Во подготовка се и измени на Законот за трансплантација, каде што, покрај тоа што стои дека сите сме потенцијални донори, би дозволиле и донорска картичка, односно регистар на донори, па кога ќе дојдеме во ситуација да разговараме со семејството, сепак волјата на починатиот да биде таа која ќе доминира, а не волјата на други луѓе. Еден донор може да спаси осум животи“, кажа д-р Кузмановска.
Б. НЕСТОРОСКА



