Лице со 100-процентен воен инвалидитет, корисник на постојана нега и помош, со семејство и малолетни деца, повеќе од 15 години чека одговор од Комисијата за станбени прашања при Владата, на неговото барање да му се обезбеди соодветно безбедно и трајно сместување. Случајот го води и Народниот правобранител, кој негрижата и незаинтересираноста на оваа владина комисија, ги стави во најновиот Извештајот за човековите права.
„Имено, ова лице при настанатата поплава во село Стајковци во 2008 година, каде државата му доделила времена монтажна барака, останал без домот и оттогаш иако е изминат подолг временски период, државата сѐ уште не му го решила неговото станбено прашање. Народниот правобранител интервенираше во Комисијата за станбени прашања на Владата заради ажурирање на постапката и доставување одговор до подносителите на претставки за постапувањето и донесената одлука во врска со нивните барања. Комисијата најчесто доставува формални одговори дека барањата сé уште не се разгледани, односно дека ќе бидат разгледани на некоја од нејзините наредни седници“, стои во извештајот на Омбудсманот.
Сопругата на воениот инвалид и мајка на нивните малолетни деца, реагираше до САКАМДАКАЖАМ.МК што и покрај интервенциите на Народниот правобранител, како и покрај тоа што и Државниот управен инспекторат на 23 февруари годинава службено утврдил дека надлежната Комисија не постапила и оти предметот не бил ставен на дневен ред, нејзините членови и натаму предметот го чуваат во фиока.
Претседател на комисијата е Александар Николоски.
Сопругата кажува низ што поминува нејзиниот сопруг цели 18 години и како му се заблагодарува државата во чија служба станал инвалид од прва категорија.
„Активната постапка пред Комисијата за станбени прашања е заведена и е покрената со барање од 14.06.2010 година, по што таа уште во 2010 година доставила известување дека барањето ќе биде разгледано на некоја од следните седници. Потоа следеле ново барање во 2013, дополнување во 2014, нови поднесоци и ургенции во 2015, известување во 2016 дека нема слободни станови, повторно барање во 2017 , известување ‘нема слободни станови’, ново барање во 2020, дополнување на барање 2022 и ново барање на 16.12.2024 година, кое било комплетирано заклучно со 14.02.2025 година. Значи, станува збор за континуиран предмет што трае најмалку од 2010 година, а суштински проблемот со привременото и несоодветно сместување датира уште од 2003/2008 година“, вели соговорничката.
Во 2003 година на лицето не му бил доделен соодветен стан, туку привремен монтажен објект, барака од 36м2. По поплавата во 2008 година објектот станал руиниран, небезбеден и невселив.
„И самото Акционерско друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (познато како ПУИГ), во годините наназад писмено потврдило дека објектот е ‘запуштен, руиниран и невселив’, а во март 2026 година со теренски записник повторно е констатирано дека објектот е запуштен, со искршени прозорци, обраснат со трева и без услови за живот. Во најновата фаза на предметот, по барањето од 16.12.2024 и по комплетирањето на документацијата до 14.02.2025, Државниот управен инспекторат на 23.02.2026 година службено утврдил дека надлежната Комисија не постапила и дека предметот не бил ставен на дневен ред. И по овој службен наод, наместо конечна одлука, на 26.03.2026 е примено само ‘известување за статус’ со датум 16.03.2026, а не вистинско решение. Со други зборови, и покрај комплетираниот предмет и официјалниот инспекциски наод, сè уште нема конечен, писмен и образложен акт“, револтирана е сопругата.
ПУИГ не носи одлуки за доделување станови, не врши бодирање и рангирање, туку постапува исклучиво по одлуки на Комисијата за станбени прашања.
„Особено вознемирувачки е што паралелно со ова долгогодишно непостапување, според официјалниот извештај на Народниот правобранител и според приложената документација, се воделе и закупни побарувања и извршни постапки за привремениот монтажен објект, иако станува збор за објект што е руиниран, небезбеден и фактички неупотреблив, а лицето со години нема добиено соодветно станбено решение“, вели соговорничката.
Таа смета дека ова не е само личен проблем, туку е пример на долгогодишно држење на предмет во институционален молк, без конечно одлучување, и покрај тоа што станува збор за лице со 100% воен инвалидитет, корисник на постојана нега и помош, со семејство и малолетни деца со апсолутен приоритет по Устав (Чл.36) и закон со гарантирано право од Републиката.
Сопругата на оштетеното лице и мајка на неговите деца, посочува дека нејзиниот сопруг потекнува од семејство кое има историски континуитет во одбрана на државата, т.е. внук е на учесник во НОБ кој бил одликуван со Медал за заслуги за народ, а исто така и воен инвалид со прострелна рана со него живеел во иста куќа.
„Идентитетот на лицето свесно не се објавува јавно, поради семејни, здравствени и безбедносни причини“, вели сопругата која бара помош од медиумите.
С. К. ДЕЛЕВСКА



