Општина Чаир почна со реконструкција на скопската Стара чаршија, што ќе чини 470.000 евра. Како што соопштија од Општина Чаир, проектот опфаќа површина од 1.567 метри квадратни и предвидува реставрација на калдрмата со травертински камен, со што се зачувува историската автентичност на Чаршијата, како и целосна модернизација на подземната инфраструктура, вклучувајќи водовод, канализација, електрична мрежа и оптичка инфраструктура.
„По повеќе од пет децении без сериозни интервенции, започнуваме вистинска трансформација на Старата чаршија. Ова е инвестиција што го враќа урбаното достоинство, функционалноста и живоста на овој историски простор“, рече градоначалникот Изет Меџити.
Интервенцијата вклучува и ново осветлување во традиционален стил, уредување на пешачките површини и поставување урбана опрема.



