ЕВН Македонија и Македонското еколошко друштво (МЕД) денеска во Скопје го означија почетокот на меѓународниот проект „Безбедни жици за загрозени птици“, чија цел е заштита на царскиот орел и египетскиот мршојадец. Во следните пет години, преку оваа иницијатива ќе се работи на намалување на ризиците од струен удар и судир на птиците со постојната енергетска инфраструктура.
Проектот се спроведува во партнерство со компании за електродистрибуција и невладини организации од Македонија, Бугарија и Турција. На домашна територија, активностите ќе бидат фокусирани во регионите на Овче Поле, Градско, Демир Капија и Тиквеш, кои се идентификувани како клучни подрачја за размножување, миграција и презимување на овие глобално загрозени видови.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер, изјави дека заштитата на биодиверзитетот е составен дел од нивната визија за модерен енергетски систем. Тој вели дека управувањето со мрежата носи одговорност истовремено да се обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија и да се заштити природата.
Извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска, потсети дека соработката со ЕВН трае од 2010 година, кога почнале со поставување платформи за гнездење на штркови и изолатори на опасни далекуводи. Таа објасни дека со новиот проект оваа соработка се подигнува на ниво на полноправно партнерство.
На официјалниот почеток на проектот во „Јуроп хаус“ учествуваа претставници на Делегацијата на ЕУ во земјава, како и од министерствата за енергетика и за животна средина. Проектот е финансиран преку европската програма LIFE.



