СО ИЗОЛАЦИЈА НА 3.000 ДАЛЕКУВОДИ ЌЕ СЕ ЗАШТИТУВААТ ОД СТРУЕН УДАР ЗАГРОЗЕНИТЕ ПТИЦИ ЦАРСКИ ОРЕЛ И ЕГИПЕТСКИ МРШОЈАДЕЦ

    СО ИЗОЛАЦИЈА НА 3.000 ДАЛЕКУВОДИ ЌЕ СЕ ЗАШТИТУВААТ ОД СТРУЕН УДАР ЗАГРОЗЕНИТЕ ПТИЦИ ЦАРСКИ ОРЕЛ И ЕГИПЕТСКИ МРШОЈАДЕЦСледните пет години со проектот ќе се работи на заштита на глобално загрозените видови на царскиот орел и египетскиот мршојадец во Македонија, Турција и Бугарија. (Фото: МЕД)

    Македонското еколошко друштво (МЕД) и ЕВН Македонија ќе го спречуваат угинувањето на ретките птици на далекуводите низ земјава, со проектот „Безбедни жици за загрозени птици“ финансиски поддржан од ЕУ фондовите. Ќе се реализира во Македонија, Бугарија, Турција на клучни миграциски коридори, во периодот јули 2026-јули 2030 година. Се планира да се изолираат околу три илјади електрични столбови, за да се спасат царскиот орел и египетскиот мршојадец од струјни удари. Ќе се постават и илјада рефлектирачки уреди – дивертери на надземни далекуводи.

    Програмата LIFE е главниот инструмент на ЕУ за финансирање проекти за животна средина и климатски активности (2021-2027), кој во Македонија се фокусира на заштита на биодиверзитетот, обнова на видови (белоглав мршојадец) и градење национални капацитети.

    „Проектот воведува нови технологии и научни методи за изолација на дистрибутивната мрежа, со што ќе се подобри околу 25% од мрежата во клучните региони и значително ќе се намали смртноста кај птиците – до 70–90% од струен удар и 50–70% од колизии. Ова е прв ваков LIFE проект во Европа и се очекува да придонесе за зголемување на популацијата на царскиот орел и подобрување на гнездечкиот успех на египетскиот мршојадец, како и за заштита на сите птици долж миграциските патишта“, велат од МЕД.

    Во Македонија ќе се опфатат четири региони, Овче Поле, Градско, Демир Капија и Тиквеш, клучните области за размножување, миграција и презимување на царскиот орел и египетскиот мршојадец во земјава. Покрај изолацијата, ќе се поставуваат и визуелни уреди за да се намалат судирите со мрежата. Струјните удари се водечка причина за смртност кај овие загрозени видови.

    Следните пет години со проектот ќе се работи на заштита на глобално загрозените видови на царскиот орел и египетскиот мршојадец во Македонија, Турција и Бугарија, преку намалување на ризиците од струен удар и судир со постојната енергетска инфраструктура.

    „ЕВН Македонија и Македонско еколошко друштво ќе изолираат над 3.000 електрични столбови за заштита на царски орел и египетски мршојадец од струјни удари. Одржливоста не е само концепт, туку долгорочна стратешка цел, а заштитата на биодиверзитетот е составен дел од визијата на компанијата за отпорен и модерен енергетски систем. Управувањето со мрежата носи двојна одговорност, да обезбедиме сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните, а истовремено да ја заштитиме природата што нè опкружува“, велат од ЕВН Македонија.

    Преку вакви заеднички проекти и иницијативи, досега се надградени вкупно 220 индивидуални столбови, 15 км изолирана мрежа, за заштита на птиците од струен удар и се поставени гнездечки платформи за белиот штрк, како и куќарки за гнездење на модровраната. Предвидените активности ќе имаат влијание и врз сите птици што се размножуваат, мигрираат или зимуваат во рамките на проектните области.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира