НАГРАДАТА „МЕНАДА“ НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ПОСТХУМНО ЗА ТОНИ БАТАЛАКОВ, СПЕЦИЈАЛНА „МЕНАДА“ И ЗА БИТОЛСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК КОЊАНОВСКИ

    НАГРАДАТА „МЕНАДА“ НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ПОСТХУМНО ЗА ТОНИ БАТАЛАКОВ, СПЕЦИЈАЛНА „МЕНАДА“ И ЗА БИТОЛСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК КОЊАНОВСКИБаталаков беше танчар, повеќегодишен репетитор, директор и педагог. (Фото: Архива на НОБ)

    Доајенот на македонскиот балет Антон Баталаков постхумно ќе ја добие наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2026, соопшти Танц фест Скопје, чие 22 издание почна на 18 април. Бордот на Фестивалот соопшти дека годинава доделуваат Специјална награда „Менада“ за поддршката на современиот танц на Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски.

    „Специјалната награда не се доделува секоја година, туку само кога ќе се препознаваат соодветни вредности во насока на развојот на современата танцова уметност кај нас. Годинава тоа е Општина Битола, која покажува извонредност во слухот за современата уметност и културата во целост“, велат од Танц фест Скопје.

    Антон (Тони) Баталаков (1945–2021) е балетски уметник, професор, педагог, репетитор, асистент кореограф, режисер и долгогодишен директор на државната балетска куќа (НОБ).

    „Баталаков го развива и позиционира домашното кореографско творештво, а под неговото раководство Балетот на Македонскиот народен театар настапува на бројни фестивали и гостувања во странство, меѓу кои Австрија, Грција, Франција, Канада и др. освојувајќи значајни признанија и награди и афирмирајќи го македонскиот балет на меѓународната културна сцена“, се вели во одлуката за „Менада“.

    На отворањето на Танц фест на 18 април се одржа натпревар за наградата „Роксан Стојанов“, која е востановена од Францускиот институт во Скопје и Танц фест, со поддршка од Амбасадата на Франција, за да се поддржи професионалната кариера на балетски уметници од 16 до 20 години.

    На натпреварот победи Виола Имери, ученичка по класичен балет во Државниот музичко-балетски училишен центар (ДМБУЦ) „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Имери ќе присуствува една недела во Париската опера каде што е ѕвезда Роксан Стојанов, балерина која има македонско потекло. Стојанов, лани првпат беше гостинка на Танц фес и ја доби наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2025.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира