ОБВИНЕТА ВРАБОТЕНА ВО ТЕЦ „НЕГОТИНО“ НА БИВШИОТ ДИРЕКТОР МУ ИСПРАЌАЛА ТЕНДЕРСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА НАБАВКА НА МАЗУТ, МУ ГО СЛИКАЛА И БРОЈОТ НА ИНСПЕКТОРКАТА ОД МВР КОЈА ОТВОРИЛА ИСТРАГА ЗА СЛУЧАЈОТ „АДИТИВ“

    ОБВИНЕТА ВРАБОТЕНА ВО ТЕЦ „НЕГОТИНО“ НА БИВШИОТ ДИРЕКТОР МУ ИСПРАЌАЛА ТЕНДЕРСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА НАБАВКА НА МАЗУТ, МУ ГО СЛИКАЛА И БРОЈОТ НА ИНСПЕКТОРКАТА ОД МВР КОЈА ОТВОРИЛА ИСТРАГА ЗА СЛУЧАЈОТ „АДИТИВ“Кога пријателот во шифра ја прашува дали има инспектори во ТЕЦ, Петровска-Мантева му праќа слика од задната страна од известувањето од криминалистичка полиција, каде што е наведен телефонски број и името на инспекторката. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителот од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Фатон Азизи, на денешното рочиште за предметот „Адитив“ преку доказите што ги презентираше прикажа оддавала службена тајна обвинетата Билјана Петровска-Мантева од компанија ТЕЦ „Неготино кај што работи, на нејзиниот бившиот директор Небојша Стојановиќ,  обвинет и сопственик на една од обвинетите фирми во големиот случај на злоупотреби и на перење пари.

    На судењето што го води судијата Иле Трпков од Кривичниот суд Скопје, на Петровска-Мантева ѝ се суди и што издала најстрога тајна од предистражна постапка за корупција за ТЕЦ „Неготино“, сосе телефонскиот број на инспекторката која постапувале во прибирањето податоци во предистрагата. Обвинетата му ги испратила овие доверливи информации на Стојановиќ, иако била предупредена на тајност на предистрагата.

    Триесет и еден обвинет и пет фирми се во обвинението за предметот „Адитив“ за проневера со набавка на адитиви од над 6 милиони евра за РЕК „Битола“. Во ова обвинение е и експретседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, која исто така му оддавала службени информации на овој обвинет во „Адитив“. Димитровска, додатно, одговара за компјутерски фалсификат заедно со ревизосот од Државниот завод за ревизија (ДЗР) Миле Столевски, зашто нелегално двапати се стекнала со безбедносен сертификат.

    Во судницата се презентираа пораки од тридневна комуникација меѓу Петровска-Мантева и Стојановиќ во јули 2024 во врска со јавни набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

    На 16 јули 2024, обвинетата Петрова-Мантева му испраќа копии од документи за количина на влезен мазут, извештај од мерење на вага, извештај за производство и испорачана енергија, биланс за успех од 2023 година за „РКМ Енерџи“ ДООЕЛ Скопје и АД ЕСМ за испорака на мазут, копии од склучените договори, документација од ТЕЦ „Неготино“ и целокупна документација за испорачан мазут, документација за корегирање на цената од „РКМ Енерџи“ за испорачаниот мазут.

    Тој ѝ пишува: „Копирај ги само договорите плиз (те молам – н. з.) и прати ми ги“. „Еве сега со Кире ќе ги копираме“, вели таа .

    Сите пораки со прикачени документи испраќани како службени документи од Петрова-Мантева беа изведени на екран во судницата.

    „Сè што ќе најдам ќе ти пуштам“, му вели Петрова-Мантева на Стојановиќ.

    „Сè штампај“, ѝвраќа тој.

    „Еве ти и од Влада“, додава таа.

    И на 18 јули 2024, двајцата имаат многу разменети пораки, а Петрова-Мантева пак му праќала службени документи. Во пораките од следниот ден Стојановиќ ѝ дава насоки на Петрова-Мантева, а таа му доставува извештаи од ДЗР за 2021 и 2022 година за извршени јавни набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Кога му коментира дека е викенд, а тој бара да ѝ праќа податоци од компанијата, тој ѝ вели дека ќе ѝ се додаде како прекувремено, т. е. дополнителна работа за викенд.

    Откако примила барање од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) – Криминалистичка полиција да испрати документација за набавка на мазут од „РКМ Енерџи“ ДООЕЛ Скопје за периодот од 2021 до 2023 година по наредба на ОЈО ГОКК за предистражна постапка, таа прави принтскрин од пораката и му ја праќа на Стојановиќ.

    Предистрагата е тајна и откривање податоци од предистражна постапка е казниво според Кривичниот законик.

    Во друга комуникација, таа му праќа и линк од ДКСК. Небојша ѝ враќа: „Да не имате гости и што е темата?”. На ова, таа му праќа слика од задната страна од известувањето, каде што е наведен телефонски број и име на Анета – МВР, која постапувала за потребите на предистражната постапка. Небоша ѝ враќа: „Тенкс (фала – н. з.)”.

    Обвинителка во овој предмет е и Наташа Поптрајкова од ОЈО ГОКК.

    На минатото рочиште беа изнесени и дополнителни материјали, меѓу кои предмети поврзани со судир на интереси што се воделе во Државната комисија за спречување на корупцијата во периодот додека Димитровска ја раководела институцијата. Презентирани беа и документи за имотната состојба на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, кој е обвинет и во „Адитив”.

    Димитровска на почетокот на судењето негираше вина, тврдејќи дека информациите на кои се однесуваат пораките биле јавно достапни и разгледувани на седници, поради што, според неа, не станува збор за доверливи податоци. Вина негираа и останатите обвинети во случајот, меѓу кои и ревизорот Миле Столевски, кој се товари дека го полагал тестот за сертификат за државна тајна во име на Димитровска. На минатото рочиште за невина се изјасни и првообвинетата Билјана Петровска-Мантева.

    Судењето продолжува на 30 април.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира