ВО МАКЕДОНИЈА НЕ Е УВЕЗЕНА СПОРНАТА БЕБЕШКА КАША НА „ХИП“ СО ОТРОВ ЗА СТАОРЦИ, ВЕЛИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА

    ВО МАКЕДОНИЈА НЕ Е УВЕЗЕНА СПОРНАТА БЕБЕШКА КАША НА „ХИП“ СО ОТРОВ ЗА СТАОРЦИ, ВЕЛИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА„Хип“ соопшти дека од претпазливост ги повлекува теглите што се продаваат во супермаркетите „Шпар“ во Австрија, а продавниците во Словачка и Чешка ги повлекоа од продажба сите тегли со бебешка храна на брендот. (Фото: АП)

    Во Македонија не е увезен спорниот производ со храна за бебиња од брендот „Хип“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ),  откако австриските власти објавија дека „Хип“ повлече некои свои теглички оти примероци во Австрија, Словачка и Чешка имале позитивен тест на отров за стаорци.

    Агенцијата вели дека до овој момент нема добиено нотификација преку Системот за брзо известување за небезбедни производи на Европската унија (RASSF), дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден производ храна за бебиња од брендот „Хип“ ( 190-грамско пакување во стаклена тегличка со вкус на морков и компир) кој е предмет на повлекување и истрага во Австрија и неколку европски земји.

    „Агенцијата ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира. Дополнително, од страна на операторот со храна, овластен дистрибутер на производите на ‘Хип’ за Македонија, Агенцијата доби писмено известување дека во земјава воопшто нема увезено од спорниот производ, односно истиот не е пласиран на македонскиот пазар“, соопшти АХВ.

    Според австриските власти, тие веруваат дека имало манипулирање со 190-грамски теглички со кашички за петмесечни бебиња направени од моркови и компири, кои се продавале во супермаркетите „Шпар“ во Австрија. Првиот примерок имал позитивен тест на 18 април.

    „Ова повлекување не се должи на наш пробем во производството или квалитетот. Теглите ја напуштија нашата фабрика во совршена состојба. Повлекувањето е поврзано со кривично дело кое во моментов е под истрага на властите“, соопшти „Хип“.

    Полицијата на австриската покраина Градиште соопшти дека сомнителните производи веројатно имаат бела налепница со црвен круг на дното од теглата. Други предупредувачки знаци вклучуваат оштетен или отворен капак и необичен или расипан мирис. Исто така, може да нема звук на пукање кога теглата ќе се отвори првпат.

    „Хип“ соопшти дека од претпазливост ги повлекува теглите што се продаваат во супермаркетите „Шпар“ во Австрија, а продавниците во Словачка и Чешка ги повлекоа од продажба сите тегли со бебешка храна на брендот.

    Тестирањата биле направени откако еден купувач пријавил дека имало манипулирање со теглата, соопшти полицијата, иако никој не ја јадел храната од неа.

    Отровот за стаорци обично содржи бромадиолон, кој спречува згрутчување на крвта, според Австриската агенција за здравје и безбедност на храната. Голтањето отров за стаорци може да доведе до крвавење, модринки и крв во столицата. Симптомите можат да се појават два до пет дена по внесувањето, соопшти агенцијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира