Шефот на најголемиот светски производител на кондоми „Карекс“ кажа дека ќе ги зголеми цените до 30% или можеби повеќе ако војната во Иран продолжи да го нарушува снабдувањето со суровини што се користат во неговите производи. Извршниот директор на „Карекс“, Гох Мија Кијат, изјави дека трошоците за производство нагло се зголемиле од почетокот на конфликтот.
Фирмата со седиште во Малезија произведува повеќе од пет милијарди кондоми годишно и снабдува водечки глобални брендови, како „Дурекс“ и „Тројан“, но и државни здравствени системи.
Глобалните испораки на нафта се сериозно нарушени откако Иран го затвори Ормускиот Теснец за најголемиот број бродови по почетокот на американско-израелските напади на 28 февруари. „Карекс“ се потпира на материјали добиени од нафта, вклучувајќи амонијак и лубриканти на база на силикон.
„Побарувачката на кондоми се зголеми за околу 30% оваа година, а повисоките трошоци за превоз и доцнењата во испораките го влошуваат недостигот. Во лоши времиња, потребата од кондоми е уште поголема затоа што сте несигурни за вашата иднина. Ако имате бебе токму сега, ќе имате уште една уста за хранење“, вели Гох.



