АКАДЕМИК ВЛАДА УРОШЕВИЌ ЈА ПРОМОВИРА НОВАТА ЗБИРКА ПОЕЗИЈА „КУЛА КРАЈ МОРЕ“ НА 16 МАЈ

    АКАДЕМИК ВЛАДА УРОШЕВИЌ ЈА ПРОМОВИРА НОВАТА ЗБИРКА ПОЕЗИЈА „КУЛА КРАЈ МОРЕ“ НА 16 МАЈИздавачот велат дека „Кула крај море“ е една од најзрелите и најмистично градени збирки на академик Урошевиќ. (Фото: К. Попов)

    Дванаесеттата збирка поезија на академик Влада Урошевиќ, насловена „Кула крај море“, ќе биде промовирана на 6 мај од 19 часот во „Метаноја“ во Скопје. Издавач е „Антолог“, а книгата ќе ја промовира Иван Џепароски.

    Од „Антолог“ велат дека „Кула крај море“ е една од најзрелите и најмистично градени збирки на Урошевиќ, како и дека е синтеза на речиси сите негови опсесии: митот, сонот, симболот, метафизиката, морето и огледалото на зборот.

    „Ретко кој поет како Урошевиќ може да се пофали со толку континуирана посветеност на ‘тајната што се објаснува само со друга тајна‘, со една исклучителна ерудиција и љубопитство (за магија и митологија, за астрологија и алхемија, за археологија и ентомологија, за историја на цивилизациите и културите…), ретко кој поет одново и одново успева да восхити и да изненади. И секогаш – како првпат!“, стои, меѓу другото, во рецензијата на проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска.

    Насловната корица на поетската збирка

    Урошевиќ (1934, Скопје) е поет, прозен автор, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите и член на повеќе странски академии.

    Ги објавил збирките: „Еден друг град“ (1959), „Невиделица“ (1962), „Летен дожд“ (1967), „Ѕвездена терезија“ (1973), „Нуркачко ѕвоно“ (1975), „Сонувачот и празнината“ (1979), „Хипнополис“ (1986), „Ризиците на занаетот“ (1993), „Мане, Текел, Фарес“ (2002), „Тајно злато“ (2016), „Безразборна лабораторија“ (2019) и „Кула крај море“ (2026). Покрај тоа, објавил 7 романи, 7 збирки раскази, 12 книги есеи и критики и 3 збирки записи и патописи. Составил повеќе антологии. Ги препеал од француски јазик книгите поезија на Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Мишо, Бретон, Превер и Боске.

    На Струшките вечери на поезијата трипати ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга: за „Летен дожд“, „Ѕвездена терезија“ и за „Хипнополис“. Во 2023 го доби Златниот венец на Струшките вечери на поезијата како трет македонски поет, по Блаже Конески и Матеја Матевски. За романот „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“, ја доби престижната книжевна награда Роман на годината за 2022.

    За неговиот книжевен и преведувачки опус, во 1987 владата на Франција му го додели државниот орден „Витез на редот на уметноста и литературата“, а во 2011 го одликуваше со повисок степен на истиот вид орден, „Офицер на редот на уметноста и литературата“. Носител е на државното признание „Свети Климент Охридски“ и на признанието на Град Скопје „13 Ноември“.

    Поетските книги на Влада Урошевиќ се преведени и објавени на англиски, бугарски, италијански, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира