Претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, изјави дека се противи на одлуката на шпанската влада со која му беше дозволено на холандскиот крузер „Хондиус“ да пристане на островите, додека Светската здравствена организација (СЗО) го потврди третиот случај на хантавирус. Досега починаа тројца патници од луксузниот крузер, кој неколку дена стоеше покрај островската држава Зелен ‘Рт во Тихиот Океан.
„Не можам да дозволам бродот да дојде на Канарските Острови. Оваа одлука не се базира на никакви технички критериуми, ниту, пак, ни се дадени доволно информации. Сакам итно да се сретнам со премиерот Санчес во Мадрид за да разговараме за ова прашање“, рече Клавихо.
Се очекува бродот да пристигне на Канарските Острови за неколку дена.
Крузерот со околу 150 патници испловил од Аргентина пред три недели и застанал на Антарктик и други места, пред да стигне до Зелен ‘Рт. Потврдено е дека починале сопружници од Холандија и еден германски државјанин, додека еден Британец е префрлен на лекување во Јужна Африка. Холандија е во фаза на евакуирање на тројца пациенти од бродот.
Швајцарската влада објави дека еден маж заразен со хантавирус е примен во болница во Цирих откако минатиот месец патувал на бродот „Хондиус“.
„Мажот е заразен со јужноамериканската варијанта на хантавирус. Пренесувањата од човек на човек се многу ретки, но се документирани. Тие се случуваат само преку близок контакт, па ризикот за јавноста во Швајцарија е низок“, соопшти швајцарското министерство за здравство.
Според Универзитетската болница во Цирих, период за инкубација на јужноамериканската варијанта трае од две до осум недели.
Покрај трите потврдени случаи, СЗО кажа дека има сомневања за уште пет случаи на хантавирус.
Хантавирусот може да се шири преку изметот и урината на глодарите. СЗО соопшти дека вирусот се пренесува помеѓу луѓе во ретки случаи. Болеста започнува со симптоми слични на грип и може да доведе до срцева и белодробна инсуфициенција, при што околу 40% од случаите резултираат со смрт, според американските центри за контрола и превенција на болести. Не постојат специфични лекови за лекување на хантавирус, па затоа третманот се фокусира на поддржувачка нега, вклучително и ставање на пациентите на респиратор во тешки случаи.



