ВО МОМЕНТОТ КОГА ВО ПАРТИЈАТА „ДЕСНА“ НА ПАЛЕВСКИ ПАДНАЛА ОДЛУКА ЗА ГРАБНУВАЊЕ НА ВАЊА, ТОГАШ ТАТКО Ѝ ИМ ПРАТИЛ ДОМА ПОРАКА ДА СЕ ОБЛЕЧАТ НЕБАРЕ ЌЕ ОДАТ НА ПЛАНИНА, СЕ ЖАЛИ ОБВИНИТЕЛОТ НА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА ЗА ТАТКОТО НА ВАЊА

    ВО МОМЕНТОТ КОГА ВО ПАРТИЈАТА „ДЕСНА“ НА ПАЛЕВСКИ ПАДНАЛА ОДЛУКА ЗА ГРАБНУВАЊЕ НА ВАЊА, ТОГАШ ТАТКО Ѝ ИМ ПРАТИЛ ДОМА ПОРАКА ДА СЕ ОБЛЕЧАТ НЕБАРЕ ЌЕ ОДАТ НА ПЛАНИНА, СЕ ЖАЛИ ОБВИНИТЕЛОТ НА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА ЗА ТАТКОТО НА ВАЊАМотивот според обвинителството, сега во втор степен претставувано од вишиот обвинител Дарко Јакимовски, на сите петмина обвинети е остварување имотна корист од близок член на семејството на Вања Ѓорчевска. (Фото: К. Попов)

    Осудените на доживотен затвор: Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, за грабнувања и убиства на детето Вања Ѓорчевска и пред неа, на 70-годишниот Панче Жежовски од Велес, со затворски комбиња беа спроведени денеска во Апелациониот суд Скопје, на јавна седница по нивните поднесени жалби.

    Тие бараат пресудите да се укинат, судењето да се врати одново во Основниот кривичен суд Скопје.

    Жалба има поднесено и Обвинителството, кое не се согласува со ослободителната пресуда за таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, за кој смета дека информациите за движењето на ќерка му наутро за на училиште, на киднаперите и на убиецот им ги дал токму тој.

    Мотивот според обвинителството, сега во втор степен претставувано од вишиот обвинител Дарко Јакимовски, на сите петмина е остварување имотна корист од близок член на семејството на Вања Ѓорчевска.

    Жежовски е сосед на Велибор Манев и тој настрадал откако му бил земен „ситроенот” со кој Вања била киднапирана и кој по нејзиното убиство бил запален.

    Јакимовски рече дека во пресудата има дискрепанца меѓу начинот на образложување на концептот, настаните и доказите, и хронологијата на настаните подолу во пресудата.

    „Нема анализа на доказите. Судот не утврдил дали е, дали не е поврзан Александар со кривичните дела. Обвинитиот Александар има клучна улога од првото, до второто дело. Сè до неделата во попладневните часови, одлука за грабнување на Вања нема. Токму кога е донесена одлуката, Палевски ги вика Манев и Видевски да дојдат во Скопје. Во моментот кога се во партијата, тогаш таткото им праќа порака на децата да се облечат небаре ќе одат на планина. Потоа однесувањето на Александар утредента. Тој повторувал: Детето е грабнато и убиено, по што се упатува накај Качанички пат, по патеката на која што е однесена Вања во гепек. Па спомнува ‘да не е постар човек грабнувачот’… И зошто ако не е виновен, мајката и сестрата на Вања се придружуваат на кривичниот прогон? Ништо од ова Судот не анализирал и не заклучил”, ја поткрепи Јакимовски жалбата на обвинителството против ослободителната пресуда за таткото на убиеното девојче.

    Адвокатот Владимир Туфегчиќ тврди дека докази за вмешаност на Ѓорчевски „во грозоморниот чин”, како што рече, нема. Тој кажа дека Основниот кривичен суд правилно постапил, исклучил каква било правна и разумна можност за вина, односно за постоење вина кај таткото на Вања, Александар.

    Овие монструозни дела во прв степен ги признаа само Манев и Кешишев, кои детално ги опишаа. Двајцата го посочија Љупчо Палевски за убиец кој со пиштол пукал во главите на двете жртви. Палевски и Видевски, пак, тврдеа дека немаат врска со киднапирањата и убиствата на Панче и Вања.

    „На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ‘цитроен’ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано ‘Рудник’ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри. На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата ‘Наум Наумовски Борче’ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано ‘Дупки’, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице“, тврди Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира